Благодарение на научната работа на нашите ботаничари низ Македонија веќе се назначени Значајни растителни подрачја (ЗРП) и тие се вкупно 42 на број. Одредувањето на тоа кои подрачја се значајни поради растенијата кои можат таму да се најдат е макотрпен процес кој трае со години и за кој е потребно да се користат меѓународни критериуми и методологии. Сите овие подрачја се интересни не само за научниците тука и за сите кои ќе решат да ги посетат – тие кријат ретки, загрозени, ендемични и значајни за заштите растенија и нивни живеалишта. Целта на назначувањето на ЗРП е да се подигне свеста за значајноста на растенијата на глобално ниво и давање придонес кон исполнување на целите на глобалната стратегија за заштита на дивите растенија.

Viola Stojanovii – жолта темјанушка

Ботаничарите од Македонија ги употребија пропишаните критериуми за идентификација на нашите ЗРП и сите се опишани во една публикација издадена од МЕД во 2010 година. Голем удел во развојот на методологијата и промоцијата на идејата да се дава вредност на ваквите ЗРП има организацијата Plantlife од Обединетото Кралство, со чија поддршка и ние го почнавме процесот на идентификација на овие подрачја. ЗРП немаат веднаш статус на заштитени подрачја.  Сегашната состојба со нив е дека некои од нив се заштитени затоа што се дел од постоечко заштитено подрачје, дел се заштитени со тоа што неодамна се прогласија нови заштитени подрачја во државата.

Помина деценија откако се назначени Значајни растителни подрачја на Македонија. Природата се менува, се менува начинот на кој управуваме со земјиштето, водите, природните ресурси. Се менува и состојбата на природните живеалишта, а со тоа и статусот на популациите на одредени диви растенија. Токму тоа е и идејата за идентификација на ваквите подрачја кои се важни поради присуство на некои значајни видови растенија – да се откријат и да се следат промените за да може да се интервенира ако има потреба. Дополнително, Значајните растителни видови или подрачја служат како механизам за заштитување на останатите кои ги има во подрачјето.

Campanula abietina – Планински ѕвонче

Во многу земји Значајните растителни подрачја се популарни за посетување и истражување, па често нивниот мониторинг го прават граѓани кои се љубители на природата. За жал, нашите ЗРП немаат доволно мониторинг и за нив знаат само професионални ботаничари, по некој студент и ентузијаст. Ние во МЕД се надеваме дека наскоро ќе можеме со волонтери кои живеат блиску до подрачјата да спроведуваме мониторинг на популациите на одредени ранливи видови растенија. Тоа би бил еден убав пример на граѓани кои поддржуваат научна работа. Затоа го започнуваме овој серијал за запознавање со Значајните растителни подрачја во Македонија. Уживајте!

Start typing and press Enter to search