На 10 ноември, во Беличкиот екоцентар се одржа втората работилница за едукација за биолошката разновидност на Илинска и Плакенска Планина, со ученици од ОУ Христо Узунов од Другово. Учениците на возраст од 10-12 години, имаа можност да се запознаат со значајните растителни и животински видови, најзначајните живеалишта кои се карактеристични за поширокиот регион, но и најкарактеристичните видови кои се среќаваат во одделните живеалишта. Одржливото и разумно користење на природните ресурси, со цел сочувување на живописната природа и зачувување на животната средина и дивиот свет, беа исто така дел од заедничките дискусии.

Наученото и продлабочено знаење, беше потврдено и преку куса прошетка и истражување во природа, во мешана шума и крајречен појас, со идентификување на дел од индикаторските видови за истражуваните живеалишта.

По работилницата и истражувањата, учениците ги искажаа своите впечатоци преку изработка на уникатни слики и цртежи со различни техники и примена на различни материјали за сликање. Овие изработени цртежи, ќе бидат дел од едукативното катче во Беличкиот екоцентар.

Работилницата ја водевме со поддршка на членовите на Здружението од Белица. Истата е дел од проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени”, спроведуван од Еко Свест во партнерство со Македонското здружение на млади правници и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓето со финансиска поддршка од Владата на Шведска.

Start typing and press Enter to search