Автор: Славе Накев

Во периодот од 04 до 10 декември ја имав можноста да присуствувам на обука (работилница) чија тема беше заштита на животната средина преку вклучување на локалното население. Работилницата се одржа во градот Ејлат во Израел и беше организирана од страна на Ноам Вајс – директор на центарот за проучување и набљудување на птици во Ејлат. На патувањето бевме двајца претставници од Македонија, јас и Дејан Ангелов, волонтер и активен член на МЕД.

Уште на самото тргнување од Македонија нашата возбуда за патувањето беше видна и не водеше низ долгото патување од Скопје до Тел Авив. Веднаш по самото полетување на авионот од Скопскиот аеродром не можев да останам рамнодушен на прекрасната глетка врз долниот тек на Брегалница. Тоа е местото кое што има посебно значење за развојот на моите орнитолошки и еколошки познавања. Имено, преку мојата вклученост во истражувања поврзани со идентификација на идни Натура 2000 подрачја имав шанса поблиску да се запознам со регионот – со птиците, шумите и пределите. Дефинитивно следната слика ќе добие посебно место во канцеларијата на МЕД.

Брегалница со градот Штип во позадина – долга степска змија од истоток

Уште на  самото пристигнување во Израел веќе се чувствуваше комплетно различната клима од кај нас. Топло, со температура од околу 25 степени и сув воздух. Таму не пречека Јоав Перлман – извршен директор на Брд Лајф Израел (МЕД е дел од интернационалното семејство на Бирд Лајф и ние сме Бирд Лајф Македонија). За жал, на аеродромот во Тел Авив пристигнавме касно во ноќта па не можевме да набљудуваме птици наоколу. Веднаш по нашето пристигнување се упативме од Тел Авив кон Ејлат, а веќе по пат почнавме да кроиме планови каде ќе застанеме да бараме птици. Јоав имаше информации за присуството на Otus brucei (був кој не се наоѓа лесно и за кој скоро дознале каде гнезди во Израел) во една вади на пат кон Ејлат и тоа ни беше првото застанување и првото соочување со пустината. Не успеав а да не ја забележам големината и импозантноста на тамариксите кои што беа вистински дрва со дебели стебла и широки крошни, за разлика од кај нас каде што скоро сите тамарикси се во форма на грмушки.

Taмарикси

Тамариксите заедно со акацијата беа доминантните дрвенести видови во пустината. За жал овде не успеавме да го најдеме буфчето (Otus brucei), но неодамнешните врнежи во пустината ни овозможија да идентификуваме траги во песокот од неколку цицачи како што се лисица, хиена итн.

Некој бил овде кратко пред нас – траги од дамкаста хиена

Патувањето до Ејлат траеше скоро 4 часа но интересните разговори и запознавањето со Јоав направија времето брзо да помине. По пат Јоав не извести дека изминатата недела во центарот за птици бил донесен изнемоштен афрички прдавец (Crex egregia). Тоа беше втор пат оваа птица воопшто да се види во Израел. Следниот ден се планираше негово ослободување, и почетокот на работилницата во Ејлат.

Афрички прдавец – втор податок за Израел

На работилницата имаше прекрасен спој на луѓе од 15 држави од различни страни на светот – Балканот, Кавказ, Медитеран и Блискиот Исток. Со најголем дел од луѓето не се познавав од порано. Деновите таму беа денови на интернационала работа, луѓе и птици.

Уште на првото излегување од хотелот забележав видови што не се карактеристични за нашето биогеографско подрачје и знаев дека деновите што следат ќе бидат исполнети со многу нови видови птици за мене. Бело-очилниот булбул (Pycnonotus xanthopygos) беше една од првите птици што ги видов во Израел, подоцна дознав дека тоа е еден од најчестите видови во Израел. По пристигањето во опсерваторијата за птици во Ејлат тешко беше да се остане рамнодушен на богатиот диверзитет и бројноста на птиците. Така уште во првите неколку часа успеавме да набљудуваме десетици различни видови птици како што се ориенталниот осојад, мала зелена пчеларка, пругаста чапја, смејачка гугутка, црно-крила луња, степски орел, многу фламинга итн… Видовите кои посебно ме интересираа како што се рибарчињата, приниата, арабскиот баблер и палестинската сончева птица не успеав да ги видам уште веднаш, но тоа ми беше дополнителна мотивација да продолжам со истражувањата следните денови за на крај да ги додадам во листата со забележани.

Бело-очилен булбул

Синогрло славејче

Агендата на работилницата беше така прилагодена на тоа да во раните утрински часови набљудуваме птици, а во текот на денот се одржуваа едукативните сесии.

Следното утро отидовме на гледање пустински птици во подножјето на Ејлатските Планини во близина на Амрам Пиларс. Сите птици што се очекуваше да ги видиме беа таму, а најголем впечаток ми оставија песочната еребица (Ammoperdix heyi) и синајската руменка (Carpodacus synoicus). Песната на многуте различни видови птици ја исполни пустинската долина со живот и воопшто не се чувствуваме како да сме во пустина. Овде не може а да не бидеш импресиониран од геологијата и геоморфологијата на теренот. Склопот на нубискиот песочен камен и гранитот овозможуваат за развојот и појавата на специфичната флора и фауна.

 

Црно-бело рибарче, веројатно на знакот пишува забранет риболов

Песочна еребица – мажјак

 

 

 

 

 

 

 

Синајска руменка – женка, за жал не успеавме да им се доближиме доволно за добра фотографија

Како изминуваа деновите така работилницата стануваше сè поинтересна, а и дружбите со учесниците стануваа потопли и поблиски. Третиот ден од работилницата ни беше резервиран за посети на неколку локации во околината на Ејлат. Целта беше да се посетат сите места што се дел од т.н. мастер план за зачувување на птиците и природата во Ејлат. Па така нашето патување почна со посета на плантажа за одгледување урми каде што птиците, лилјаците и инсектите се користат како замена за пестициди во “борбата“ со штетниците. Фасцинантно беше да се види како малите и “обични“ видови птици и лилјаци се клучна алка во екосистемот и можат да им бидат од директна корист на луѓето. Следна точка на нашето патување беше кибуц Самар каде што бевме топло пречекани од членовите на заедницата и угостени со најдобрите храни што ги имавме во текот на нашиот престој во Израел. Јаготката на шлагот беше црното грмушесто свиларче (Cercotrichas podobe), редок вид кои што благодарение на добриот однос на локалното население кон природата станува честа глетка во кибуците во Израел.

Црно грмушесто свиларче

Доркас газела – заинтересирана за нас исто толку колку што и ние за неа

Додека автобусот бавно се искачуваше по планините кон Неот Смадар, доркас газелите и нубските козорози беа честа и возбудлива глетка покрај патот. Газелите по рамниците, а козорозите на најнепристапните делови од клисурите.

 

 

 

 

 

Нубиски козорог, стадо од 100-тина помина покрај нас, воопшто не беа вознемирени од луѓето

По половина час возење стасавме до пустинската висорамнина во близина на Неот Смадар, иако сè уште пустина надморската висина придонесува да овде се среќава комплетно различна авифауна од таа што ја гледавме во нискиот дел од пустината. Уште на првото излегување од автобусот веќе имаше многу различни видови птици кои што досега ги немавме видено, чучулигата теминцк (Eremophila bilopha), пруго-опашеста чучулига (Ammomanes cinctura) и очилно грмушарче (Sylvia conspicillata). На мое големо разочарување, не успеавме да најдеме ниту еден вид песочни тетреби ☹, но на крај истражувањето ни го зачинија група од диви нубиски магариња.

Теминцк чучулига – многу слична на нашата ушеста чучулига

Остатокот од попладнето го поминавме во  обиколка и посета на кибуц Неот Смадар во безуспешна потрага на сирискo жолтарче (Serinus syriacus).

Искуството нема да е целосно без посета на коралниот гребен во Црвено Море. Претпоследниот ден од работилницата го посветивме на истражување на коралниот гребен и се запознавме со начинот на кои што управуваат со него. Големата длабочина на Црвено Море (на околу 200-300 метри од брегот длабочината на морето надминува 700 метри) не дозволува брзо загревање и ладење на температурата на водата, па така климатските промени не влијаат врз животот на коралите. Целото ова овозможува овде да се создаде неверојатен склоп на подводна фауна – корали меѓу кои пливаат безброј шарени и разновидни риби (папагал риби, пафер риби, иглички, анемониња – кловн итн…), целото ова го надополнуваат “огромните“ школки и останати мекотели со цврста и мека обвивка. За мене ова беше неверојатно животно искуство кое што ми направи да уште повеќе го сакам подводниот свет на планетата.

Подводен свет во Црвено Море. Сликите се направени со телефон под вода, се извинувам за лошиот квалитет.

Дојдовме до последниот ден од нашиот престој во Израел. Тагата за напуштањето на ова прекрасно место беше забележителна кај сите учесници, но пред нас претстоеше уште еден ден во кој што требаше да го разбереме работењето на опсерваторијата за птици во Ерусалим и да го доживееме духовниот аспект на Ерусалим.

Денот ни започна со 4 часовно возење од Ејалт до Ерусалим. По пат направивме неколку застанувања со цел да видиме уште неколку

Лепезно-опашест гавран. Со прстени на нозете

од видовите што не успеавме да ги видиме во изминатите денови, прв на оваа листа беше лепезно-опашестиот гавран, многу сличен на обичниот гавран но со многу пократка опашка која што личи на раскошна лепеза.

Патувањето кон Ерусалим нè носеше точно покрај брегот на Мртво Море, море за кое што од секогаш сум знаел дека е толку солено што е невозможно да пропаднеш во него. Кристализираната сол на бреговите на морето беа доказ за неговата соленост, но дури и видливоста над морето беше значително намалено поради соленото испарување. Набргу потоа пристигнавме во опсерваторијата за птици во Ерусалим. Овде не пречекаа ведрите лица на Ален, Емир и останатите вработени и волонтери во опсерваторијата. Нивните приказни за постанокот и функционирањето беа исполнети со страст и жар за местото, па така на сите нас ни всадија желба да посакаме макар и на еден ден да помогнеме во работата на опсерваторијата. Мене ми беше неверојатно како овие луѓе на површина од 1,5 хектари успеале толку многу да направат за проучување и заштита на птиците, WOW! Попладневните часови ги поминавме во стариот град Ерусалим, место каде што мешавината на најголемите светски религии се чувствува во воздухот. Улици и храмови полни со туристи, едни плачат, други се смеат. Не може човек да остане рамнодушен од светската историја собрана во ѕидините на еден град. Луѓе од сите страни на светот собрани на едно место, со една цел, посета на местото каде што настанало христијанството, каде што се променил исламот.

И за крај, сакам да им се заблагодарам на луѓето од центарот за истражување на птици во Ејлат, оштината Ејлат и центарот за набљудување птици во Ерусалим. Најголем дел од птиците што мигрираат од Европа и Азија кон Африка поминуваат точно низ оваа мала земја на арапскиот полустров – Израел. Работата и заложбите кои што овие луѓе ги даваат со цел да им обезбедат сигурни и безбедни места за одмор и миграција на птиците е неверојатна и не може да се спореди со ништо на светот. Ми беше чест и задоволство што бев дел од една ваква светска работилница и се надевам во иднина ќе ја продолжиме соработката во овие неверојатни луѓе.

Топло ви препорачувам да ги посетите следните линкови:

IBRCE – Eilat Birdwatching Center

JBO – Jerusalem Bird Observatory

https://www.birds.org.il/en/birding-center/The-Nili-and-David-Jerusalem-Birds-Observatory

Eilat Coral Beach Nature Reserve

Повелете и неколку слики од импресивните пејзажи во Израел:

Дождот од пред една недела (инаку ретка појава во пустината) го стопил песочниот камен и оставил навистина импресивни траги.

IBRCE – центарот каде што годишно поминуваат милиони птици од Европа и Азија, и сите се добредојдени

Каде е? Го виде ли?

Погледот кои што го уживаат жителите на кибуц Самар е бесценет

Плантажа со урми

 

Пустински дела создадени од раката на мајка природа

Сегменти од природната вегетација во и околу пустината

 

Start typing and press Enter to search