СООПШТЕНИЕ: (03.12.2021) Изминатата седмица тимот на МЕД доби дојава дека на територијата на село Витолиште во Прилепско Мариово се случило масовно труење на кучиња и дека можеби отровот е сѐ уште таму и потенцијално претставува опасност за луѓето но и дивиот свет. Со оглед на тоа што Мариово е извонредно богато со биолошка разновидност, настани со труење, макар и на домашни животни во село може да има огромни реперкусии по дивиот свет и поради тоа алармите се вклучија. По добивањето на овие сознанија веднаш беа известени надлежните органи и започна координацијата за спроведување истрага за овој настан како и безбедно отстранување на кучињата. Меѓутоа, тоа што требаше да биде рутинска постапка набргу прерасна во итен случај затоа што воочивме дека два белоглави мршојадци опремени со GPS предаватели кои МЕД постојано ги следи во рамки на проектот BalkanDetox Life  се токму во околината на Витолиште и се подготвуваат блиску од расфрлениот отров. Имајќи на ум дека белоглавите мршојадци се социјални птици кои речиси постојано летаат во јато, знаевме дека реалната бројка е многу поголема од две. Доколку овие птици стигнеа до отруените животни можевме да се соочиме со комплетно истребување на овие птици од нашата држава.

За среќа, наидовме на разбирање од страна на локалната гранична полиција кои беа известени за катастрофата која може да се случи и веднаш беше испратена екипа на локацијата каде што белоглавите мршојадци се слетани со цел да ги избркаат пред да почнат да јадат од телата на отруените животни. По половина час агонична неизвеснот стаса првиот повик од екипите на терен дека дури 18 птици се разбркани, а отруените кучиња не пипнати.

Истиот ден на лице место пристигна и екипа од МЕД со цел да го обезбеди местото од понатамошни труења. Следниот ден со поддршка од Општина Прилеп, која ја презема координацијата, на терен излезе увидна екипа од МВР како и комунален инспектор со цел да спроведе истрага за настанот како и соодветни мерки за расчистување на случајот. Направена беше и обиколка на теренот и за среќа не беа најдени отруени диви животни. За настанот е известен и јавен обвинител и се надеваме на соодветна истрага од страна на надлежните органи.

Не законското користење отров и понатаму претставува најголемата закана за опстанокот на мршојадците не само во Северна Македонија туку и на целиот Балкански Полуостров. Проценката е дека во последните 20 години на Балканот имаат настрадано околу 2300 мршојадци додека кај нас оваа пракса има доведено до целосно истребување на црниот и брадестиот мршојадец а ги има доведено египетскиот и белоглавиот мршојадец на само неколку гнездечки пара.  На последното пребројување беа изброени само 24 белоглави мршојадци во Македонија што значи дека доколку се случеше тоа за што најмногу стравувавме нивната популација ќе беше функционално уништена.

Македонското еколошко друштво и понатаму работи на овој проблем во рамки на проектот BalkanDetox Life заедно со релевантните државни институции кон градење на капацитетите на државните институции и подигање на јавната свест за овој проблем, едукација на локалното население и предлагање мерки за минимизирање на конфликтите со дивите животни во руралните заедници.

 

Start typing and press Enter to search