Натпревар за фотографии од птица за календарот на Македонско еколошко друштво 2022

Периодот за учество на овој натпревар е од 18 ноември 2021 година до 28 ноември 2021 година.

Кој може да учествува на натпреварот

Нема ограничувања.

Какви фотографии може да учествуваат

За да бидат прифатени во натпреварот фотографиите мора да прикажуваат цела или дел од дива слободна птица која е сликана во природа во Македонија (не се прифаќаат слики од питоми или диви птици во заробеништво).

МЕД ги охрабрува сите фотографи кои сликаат природа да бидат одговорни во своите постапки и затоа нема да прифати фотографии кои:

  • Прикажуваат птици кои се вознемирени или повредени од страна на фотографот
  • Птици во гнездо или на гнездечка територија која не е гнездо но се користи за иста намена
  • Птици кои се привлечени да позираат со помош на мамец
  • Ноќни птици сликани со блиц ноќно време
  • Птици фотографирани со дрон
  • Птици кои се фотографирани со камера на далечина која користи директен блиц или мамец за привлекување на животното.

Жири:

Жирито се состои од вработени на МЕД и членови на Собрание кои не се дел од Програмата за проучување и заштита на птици. Жирито анонимно ќе ги разгледува фотографиите кои ќе бидат пријавени.

Награди

Жирито ќе одбере 12 фотографии кои ќе бидат наградени. Наградите немаат парична вредност и ќе се состојат од пофалница, литература, промотивен материјал од МЕД и можноста да се приклучите и да ги фотографирате теренските истражувања на МЕД. Оваа можност за теренска прошетка со МЕД ќе може да се искористи еднократно од пролетта 2022 во договор со победниците.

Сите избрани фотографии ќе бидат искористени за дизајнирање на Календарот на МЕД за 2022 година. Овој календар ќе ја одбележи и 50та годишнина од постоењето на МЕД и ќе им биде доставен на сите чии фотографии ќе бидат одбрани, на сите членови на МЕД кои ќе го побараат и на значајни контакти на МЕД од Македонија и странство. Доколку сакате да се зачлените кликнете тука.

Прогласување на победници

Победниците на натпреварот ќе бидат објавени на 01.12.2021 на сајтот на МЕД и соодветните социјални медиуми.

Општи правила

Со поднесувањето на фотографија на Натпреварот за фотографија од птица на Македонско еколошко друштво се согласувате на следново:

  1. Вие имате единствено сопствеништво на фотографијата и сите нејзини права. Никаква права поврзани со фотографијата не се дадени на други лица, организации, фирми или ентитети. Ниту еден дел од сликата не оцрнува, навредува или ги нарушува правата на некоја личност.
  2. МЕД ќе се здобие со трајно не-ексклузивно бесплатно право на користење на фотографиите кои ќе бидат пријавени за цели поврзани со подигнување на профилот на организацијата, промовирање на работата на организацијата и промовирање на натпреварот во следните години. МЕД е невладина и непрофитна организација и вашата фотографија нема да се користи за цели за создавање на профит или било какви други комерцијални цели. МЕД ќе може да ја користи фотографијата во целост, делумно или со промени. Вашето име ќе биде назначено при секоја употреба на фотографијата, освен ако не побарате поинаку.
  3. Вашите податоци да бидат искористени за внатрешни потреби на МЕД поврзани само со организацијата на овој натпревар.

Како се учествува:

Фотографиите треба да се пријават на формуларот подолу.

Еден учесник може да поднесе повеќе фотографии. Доколку учесник поднесе повеќе од една фотографија во предвид ќе бидат земени сите но нема да бидат одбрани повеќе од две фотографии од еден автор.

Фотографиите мора да ги исполнуваат следниве стандарди:

  1. Мора да прикажуваат цела или дел од дива слободна птица сликана во природа во Македонија
  2. Не смее да надминува големина од 8 мегабајти
  3. Да биде испратена во JPG формат
  4. Да ги содржи сите дополнителни информации (име на птицата, локација и датум на фотографирање)
  5. Дозволена е основна обработка на фотографиите кој вклучува кратење, контраст, осветлување, боја и интензитет. Не е дозволено додавање на дополнителни елементи (лого, потпис, рамка, бордура или слично)

Start typing and press Enter to search