Светскиот ден на животната средина 5 јуни е значаен меѓународен ден за подигнување на свеста за зачувување на животната средина и се одбележува од 1974 година. Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) како и многу невладини организации, заедници и влади во повеќе од 150 држави во светот годинава овој ден го одбележуваат со различни онлајн настани под мотото „Време е за природата“ (#ForNature) a домаќин на официјалната манифестација годинава е Колумбија во соработка со Германија. Годинава во фокусот е биодиверзитетот којшто бара итна заштита но – е од витално значење за опстанокот на човекот.
2020 година сите случувања почнувајќи од масовните пожари во Австралија, Бразил и САД, па се до наездата со скакулци во Источна Африка, а сега и глобалната пандемија со КОВИД-19 – ја истакнуваат поврзаноста на човекот со природата и природните циклуси се изјавите кои стигнуваат од официјалните лица на УНЕП како апел за тоа колку природата му е потребна на човекот и колку тој е зависен од нејзините ресурси.
МЕД се придружува кон овие пораки и потсетува дека биодиверзитетот во делови од земјава е исклучително важен за зачувување не само од аспект на национално богатство туку и заради неговото европско и светско значење.
Мрежата на заштитени подрачја вклучува 86 подрачја, на површина од 230,083 хектари или околу 8,9% од територијата на Република Северна Македонија. Според Стратегијата за биолошка разновидност 2018-2023 земјава треба да ја зголеми површината на заштитени подрачја до 15 % и да се обезбеди нивно функционално поврзување како еколошка мрежа и да се воспостави ефективно управување со заштитените подрачја во соработка со локалните заедници.
„Здрава планета е основа за здраво општество и треба да извлечеме поука од оваа криза. Вештините кои ги стекнавме изминатите месеци за новите начини на комуникација и спроведување на работните обврски и штедливото користење на ресурсите се надевам ќе внесат нов фокус на нашиот живот свртен кон природата. Време е да се тргнеме од линеарниот економски модел кој е неодржлив со преголемо користење на ресурси и создавање преголеми количини отпад, и преку иновативни зелени бизниси да се насочиме кон циркуларната економија – ќе користиме помалку ресурси и енергија и со тоа ќе го заштитиме нашето природно богатство“, изјави по повод Денот на животната средина, извршната директорка на МЕД, Робертина Брајаноска.
Животниот стил и технологијата имаат сериозни последици врз животната средина, затоа треба да размислиме како може да ја зачуваме животната средина и да го намалиме отпадот. Според експертските проценки, на годишно ниво светот губи 27.000 видови, а доколку овој тренд продолжи, во следните 30 години би загубиле 25% од живите организми, односно, една четвртина од сиот жив свет на Земјата.
Повеќе за настаните поврзани со одбележување на 5 јуни има на следниот линк: