Прослава по повод Светскиот ден на птиците преселници под наслов „Скопје сака птици“ се одржа на 14 мај 2017, со почеток во 12 часот во Градскиот парк. На овој ден со скопјани го прославивме пристигнувањето на птиците преселници и им посакавме успешно гнездење. Преку квизови, игри, креативни задачи и набљудување птици во срцето на Скопје се потсетивме дека и тие се жители на градот.
Птиците преселници и луѓето ја делат истата планета, а со тоа и истите ограничени ресурси. Затоа годинешната тема низ целиот свет беше „Нивната иднина е и наша иднина – Здрава планета за преселните птици и луѓето“. Потребно е одржливо управување со природни ресурси, секое дрво и секоја водна површина – потребна е природа во Скопје!
Птиците преселници се показатели за здрава планета и функционални екосистеми бидејќи нивната миграција ги поврзува континентите. Најголемите закани за птиците – пресушувањето на водните површини, деградирањето на живеалиштата и неодржливиот лов – се закани и за нас бидејќи ги намалуваат придобивките кои ги обезбедуваат поврзаните екосистеми.
Птиците преселници поминуваат и до 14.000 километри низ светот за да гнездат. Исчезнувањето на местата каде што одмараат е една од главните причини за нагло намалување на популацијата, во одредени случаи дури и до 80% од 2000 година наваму.
Светскиот ден на птиците преселници е кампања која ги слави птиците преселници и повикува на нивна подобра заштита. Македонското еколошко друштво секоја година организира настани за да потсети кои се заканите со кои се соочуваат птиците преселници и која е нашата улога.