Македонското еколошко друштво во соработка со Македонското лимнолошко друштво го организираше 4. Конгрес на еколозите од Македонија, со цел да се согледаат достигнувањата во екологијата во Македонија и другите земји во регионот, како и размена на искуства и знаење согласно работните услови на научниците и експертите на овој простор, но и јавниот интерес за подобра, почиста и поздрава животна средина.
На Конгресот беа презентирани современите научни сознанија на модерната екологија и науката за животната средина во различни тематски секции. Секоја секција започна со воведно предавање избрано од пријавените трудови од страна на Научниот одбор. Независно од тоа, беа организирани пленарни сесии на кои зедоа учество еминентни еколози од Македонија и други земји, кои ги презентираа достигнувањата на модерната екологија.
На Конгресот присуствуваа повеќе од 300 научни работници и гости од државата и од странство (Турција, Норвешка, Швајцарија, Германија, Грција, Албанија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Босна, Србија, Црна Гора, Косово) со свои научни трудови од областа на екологијата и заштитата на животната средина. Вкупно беа презентирани 183 апстракти, од кои 82 усни презентации и 73 постери, а беа одржани и три пленарни предавања и тоа:
- Пошумувањето во услови на глобални климaтски промени, проблеми, истражувања и мерки за адаптација, Проф. д-р Иван Раев, Бугарија
- Разновидноста на брдските пасишта на варовничка подлога во централните и јужните делови на Балканскиот Полуостров, Академик Владо Матевски, Македонија, и
- Еден век од дијатомејски истражувања на Охридското и Преспанското Езеро, проф. д-р Златко Левков, ПМФ – Скопје, Македонија
Во рамките на Конгресот се одржа и Симпозиум на студентите по биологија во организација на Истражувачкото друштво на студенти биолози од Скопје, како и Изложба и натпревар на детски цртежи, фотографии, колекциски материјали, промотивни материјали на тема: Шумите – чувари на природата, од ученици од основните училишта во Македонија. Свое претставување имаше и еколошката секција „Универзум“ од СОУ „Димитар Влахов“ од Струмица.
Беа прикажани двата документарни филма: „Во срцето на Балканот – барајќи го рисот“ и „Во срцето на Балканот – пеликаните од Преспа Парк“.
Важен дел од Конгресот беше и одржувањето на Работилницата за Јадрански прелетни коридори поддржана од германската организација Еуронатур, на која учествуваа орнитолози од Македонија, Германија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна, Словенија и Косово.
Подолу се известувањата за 4 Конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество:
First Announcement/Прво соопштение
Second Announcement/Второ соопштение
Third Announcement/Трето соопштение
Вкупно 33 трудови од презентираните 155 нa 4 Конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество се публикувани во Зборник на трудови од 4 Конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество. Зборникот излезе од печат во декември, 2013 година.