Европскиот совет за попис на птици ја претстави новата верзија на Европскиот портал за птици, преку кој во тукуречи реално време може да се следи неделната распространетост на речиси 600 видови птици, колку што се среќаваат на европскиот континент. Благодарение на платформата ptici.mk што пред две години ја разви Македонското еколошко друштво (МЕД), во живо се евидентираат и набљудувањата на птици направени во нашата земја.

Преку Европскиот портал на птици може лесно и да се спореди моменталната распространетост на кои било два вида птици што се среќаваат во Европа.
Тука се прикажани селската ластовичка (лево) и белиот штрк (десно).
Сето ова е возможно благодарение на огромниот обем на податоци што редовно ги доставуваат над 200.000 волонтери-набљудувачи на птици до различните онлајн-портали за евиденција на птици во Европа: 750 милиони записи за птици од 2010 година наваму, од кои 76 милиони само во 2026 година. Сите овие податоци автоматски и на дневна основа се доставуваат до централната база на податоци на Европскиот портал за птици, со што се овозможува секојдневно ажурирање на сите карти во алатката за преглед со најновите информации.

Овој огромен проток на податоци за биолошката разновидност – најголемиот што моментално функционира во Европа со ажурирање во речиси реално време – се реализира преку Програмата „Лајф“ на Европската Унија и благодарение на тесната соработка на мрежа од 52 орнитолошки и еколошки организации од 41 различна земја.
Една од нив е и Македонското еколошко друштво кое сакајќи да го поддржи растечкиот број на набљудувачи, истражувачи и фотографи на птици, ја разви платформата ptici.mk во рамките на проектот „Зајакнување на Европскиот портал за птици“. Од нејзиното официјално пуштање во употреба во 2024 година до денес, на ptici.mk се внесени над 50.000 записи кои се „видливи“ и многу пошироко со оглед на тоа што платформата е целосно интегрирана во Европскиот портал на птици.
„Користиме структурирани и стандардизирани протоколи за собирање податоци и унапредување на граѓанската наука без која ваквите потфати би биле невозможни. Така придонесуваме за поголема географска покриеност и подобрен квалитет на целокупните податоци за птици собрани во Југоисточна и Источна Европа. Ова е исклучително важно, бидејќи без континуирани и квалитетни податоци не може да се планира заштитата на природата, ниту соодветно да се управуваат значајните подрачја за птиците и нивните преселни патишта“, потсетува Данка Узунова, орнитолог и координаторка на проектот во МЕД.
Новата алатка истовремено претставува и признание за клучната улога на илјадниците волонтери-набљудувачи на птици и покажува како ваквите поединечни локални придонеси можат да се обединат во корист на заштитата на птиците и подигнувањето на јавната свест на европско ниво, смета Габриел Гаргало од Каталoнскиот орнитолошки институт, главен координатор на европскиот проект.
Токму значителните подобрувања во географскиот опфат, бројноста, квалитетот и поврзаноста на податоците во еден портал се од витално значење за правилно разбирање на сезонските обрасци на распространетост на птиците, промените во нивната бројност и следењето на популациските трендови на подолг временски рок. Собирањето на ваквите податоци е дотолку поважно имајќи предвид дека ја даваат основата на важни извештаи како што е најновиот извештај на „Брдлајф Интернешнал“. Насловен „Состојбата со птиците во светот“, тој укажува дека опаѓаат популациите на дури 41 % од птиците-преселници долж африканско-евроазискиот преселен пат, во кој влегува и Македонија. Оттука, освен што недвосмислено помагаат да се документираат и следат популациите на птици, ваквите сознанија и податоци даваат и насоки како да креираме политики и како да ги спроведуваме активностите за заштита на птиците.
