Мартин е името на третиот рис, кој пред два дена (31ви октомври) Македонското еколошко друштво го залови на планината Стогово, Кичевско. По фаќањето, рисот беше успан и детално измерен, беа земени крв и влакна за генетска анализа. По успешното поставување на ГПС околувратник, Мартин беше ослободен во природа.
Мартин се фати во кафез-замка поставена во дабова шума на стрмен терен. Староста е проценета на 3 до 5 години, должината на телото му изнесува 98 сантиметри, а тежината – 24 килограми.
За две и пол години ова е трет рис на кој му е ставен околувратник со ГПС-уред, со кој се следат движењата на рисовите. Првиот рис, Марко, беше заловен во Националниот парк Маврово (во март, 2010 година), а вториот, Ристе во март 2012 година, на територијата Лопушник-Кичево.
Благодарение на ГПС и ВХФ технологијата, Мартин во иднина ќе испраќа податоци за тоа каде се движи, кои тимот на МЕД ќе ги искористи за негово следење на теренот. Податоците ќе бидат од извонредно научно значење и ќе се искористат за да се дознае повеќе за биологијата и екологијата на ова животно. Со споредбена анализа на претходно добиените податоци од движењето на веќе заловените рисови Марко и Ристе, ќе се увиди и дали оваа единка зафаќа блиска територија на движење.
Сите добиени информации во иднина ќе бидат искористени за изработка на конкретни предлог мерки за заштита на балканскиот рис.