
Започнуваме нов проект за мапирање и проценка на речните бариери во преспанското сливно подрачје, со визија за реставрација на природниот тек на реките и унапредување на условите за опстанок на загрозената преспанска пастрмка.
Проектот се фокусира на реките Голема Река, Лева Река, Брајчинска, Кранска, Курбинска и Источка Река, кои се влеваат во Големото Преспанско Езеро. Овие реки се значајни живеалишта за богатата биолошка разновидност на Преспа, вклучително и за ендемични видови како посочената преспанска пастрмка (Salmo peristericus).
Бројни мали бариери, како објекти за наводнување, каскади, застарена водостопанска инфраструктура и мали хидроенергетски објекти, го попречуваат движењето на рибите и ги фрагментираат нивните живеалишта. Досега во македонскиот дел од преспанското сливно подрачје не е направена сеопфатна проценка на овие бариери од аспект на нивно потенцијално отстранување во иднина и обезбедување на природниот водотек на реките.


Затоа, во рамки на проектот ќе бидат истражени околу 80 километри речни текови, ќе се изработи база на бариери и ќе се процени нивното влијание, можноста за отстранување и потенцијалните придобивки за природата. Целта е да се идентификуваат приоритетни бариери за идни активности за реставрација, со посебен фокус на подобрување на живеалиштата на преспанската пастрмка.
Клучен партнер во реализацијата ќе биде Градежниот институт „Македонија“ (ГИМ), кој со своето повеќедецениско искуство во хидротехничкото инженерство и водната инфраструктура ќе придонесе кон посоодветно остварување на зацртаните проектни цели.
Проектот е финансиран преку Open Rivers Programme.
