Пишува проф. д-р Маја Јорданова

Сомот со своите мустаќи, долгото и масивно тело, е една од најкарактеристичните риби во мирните слатководни води. Кога ќе речете сом, кај нас се подразбира Европскиот кој ги населува скоро сите реки во Европа, па може да се најде и во нашите реки и езера. Лесно се пропознава по големата сплескана глава и 6-те пара мустаќи, два исклучително долги на горната вилица, а останатите помали се сместени на долната вилица. Има ситни очи и заби, а голема уста. За разлика од другите риби сомот нема крлушки по телото туку телото е мазно како кадифе. Постои поговорка „глупав како сом“ која е далеку од вистината. Поговорката настанала бидејќи во големата глава на сомот е сместен мал по големина мозок.

Сомот главно живее во помирни води, во подлабоки дупки кои се создаваат приобално и места каде има полно гранки и друга вегетација која може да го заштити, но и да му овозможи да го нападне ненадејно својот плен. Нашата најголема слатководна грабливка по природа е сештојад, а најмногу се исхранува со ситни риби, жаби и ракови. Лови воглавном ноќе, ретко во текот на денот и тоа само доколку времето е облачно. Сомовите се познати и по својата долговечност. Некои видови можат да достигнат старост и до 100 години.

Сомот води осамен живот со исклучок во периодот на мрестење, кој обично е во мај или јуни. Во тој период мажјаците и женките пливаат заедно. Женката си наоѓа партнер, но откако ќе ја исфрли икрата која ја полага во слузава леплива обвивка, мажјакот ја оплодува со сперма, а женката го остава да се грижи за потомството. Така сомот повторно останува сам, да го штити гнездото каде се инкубира икрата, а потоа и да се грижи за подмладокот додека тој не почне активно да плива.

Сомот е силна голема риба која од ништо не се плаши додека е во вода, па затоа е вистинска мајсторија да се улови. Во Стрежевското езеро татко, син и внук уловија капиталец долг 180 сантиметри и тежок 44 килограми, а сом тежок цели 80 килограми е уловен на Калиманско езеро. Ако не се обични „рибарски приказни“, во светот има многу податоци за уловени примероци тешки преку 200 кг и долги повеќе од 3 метри.


Но не се сите сомови вакви џинови. Има и мали сомови, како на пример Американскиот сом, кој не е подолг од половина метар и едвај достигнува тежина од половина килограм. Во африканските реки, меѓу кои и во реката Нил, живее т.н. електричен сом. Не е голем, ама е опасен бидејќи создава напон од 350 V, па може да биде погубен за човекот. Електрицитетот го создава во предните мустаќи, со кои убива мали животни и така се храни.

Да не ги заборавиме и љубителите на акваристиката. Од азиските речни води, во целиот свет се раширил и станал многу популарен малиот стаклест сом, попознат и како фантомски односно сом-дух. Секако, тоа е поради провидноста на неговото тело во кое нема пигменти, па со малата должина од десетина сантиметри, е миленик на сите што имаат аквариуми.

Во однос на нутрициската вредност, порција од 100 грама свеж сом содржи само 15 калории, за половина помалку од лососот. Ова е само една од причинити која оваа риба ја прави совршен продукт во исхраната. Сомот е на добар глас и бидејќи содржи големо количество на омега-3 масни  киселини, а тој е и одличен извор на витаминот Д кој го зголемува имунитетот на организмот.

Така уште одамна се нашол на менито во многу земји ширум светот. Пржен, печен или како во Кореја зготвен во познатата лута супа меун танг, секаде е вкусен. А кај нас, ако сте во Дојран или некаде во Тиквешкиот регион, секако пробајте ја нивната чорба од сом. Повкусно нешто не сте јаделе. На здравје.

 

 

Start typing and press Enter to search