Мрежата за искуствено учење која ја спроведува Македонско еколошко друштво, на првиот ден на пролетта одржа настан во Градскиот парк во Скопје. На настанот присутни беа ученици од основните и средните училишта од  неколку градови на Македонија.

На работилницата на МЕД, која се одржа во рамките на овој настан, учениците имаа можност да научат повеќе за балканскиот рис. Александар Павлов од Програмата за закрепнување на балканскиот рис, им одржа предавање и практични вежби за тоа како се заловуваат нови единки на рис, и како се поставуваат фотозамките кои се користат за следење на траекторијата на движење на рисот.

Елена Минова од Мрежата за искуствено учење им покажа на учениците како се препарираат инсектите, за нивно понатамошно истражување. Тимот на МЕД, во предвечерието на настанот, имаше поставено камера која ги снима звуците непосредно во близина на штандот каде се одржа работилницата, и учениците имаа можност да ги слушнат звуците на птиците и лилјаците, а Минова им објасни како да ги разликуваат нивните звуци.

Сара Крстеска на учениците им покажа како се поставуваат фотозамките кои тимот на рисаџии ги користи при теренските истражувања, а потоа сите заедно можеа да видат како тие функционираат.

Раководителката на Мрежата за искуствено учење, Светлана Пејовиќ, одржа презентација пред наставниците и професорите во рамките на настанот каде што беше присутен и Стјуард Кохлаген, кој е креатор на методот за искуствено учење.

Славе Накев за претставниците на министерствата и амбасадите кои го посетија настанот одржа кратка обука за правилно користење на двоглед, и како со негова помош може да се набљудуваат птиците. Тој им објасни и зошто особено за птиците преселници се важни парковите во урбаните средини, како место каде што прават одмор при преселбата.

 

 

Start typing and press Enter to search