Територијата на Македонија е преполна со скриени „скапоцени камења“, ова беше заклучокот на завршниот настан на „Зелена комуна Белица“. Жителите на ова кичевско село во изминатата година, ја возобновија старата училишна зграда и одржаа низа работилници на тема енергетска самоодржливост, биодиверзитет и климатски промени. Шведската амбадорка, Ами Ларсон Јаим, која беше присутна на настанот беше воодушевена од иницијативата за самоодржливост на руралните заедници. Таа вчера го посети кичевското село Белица, каде се одржа завршен настан на „Зелена комуна Белица“.
„Ви благодарам што ме поканивте да го отвориме заедно овој еко центар во Белица. Богатството на овие краеви и на културата даваат многу можности за привлекување на посетители кои бараат различно искуство од масовниот туризам на плажите и на хотелите со пет ѕвездички.
За жал населението на многу рурални заедници се намалува и тие се соочуваат со зголемена невработеност, и ограничена инфраструктура. Затоа ме усреќува фактот што можам да привлечам внимание кон иницијативи како оваа каде што локалното население се здружува со граѓанското општество за да вдахне нов живот во заедницата, создавајќи концепт кој ги спојува едукацијата, климатската отпорност и еко туризмот“, изјави шведската амбасадорка Ами Ларсон Јаим.
Извршната директорка на Македонското еколошко друштво се обрати на присутните со поздравен говор.
„МЕД во соработка со Здружението за развој на Белица имаше за цел да започнеме да работиме на воспоставување на зелена комуна, едно етно село кое ќе биде самоодржливо, кое ќе ги користи на одржлив начин природните ресурси и ќе користи обновливи извори на енергија. Иницијатива која ќе поттикне развој на еко туризам и ќе ги привлече луѓето да се враќаат на своите огништа и да овозможат отворање на можности за дополнителни приходи“, изјави Робертина Брајаноска од МЕД.
На завршниот настан свои презентации имаа Светлана Пејовиќ, координатор на програма во Македонското еколошко друштво, и Горазд Смилевски, кои објаснија кои се биолошките и социјалните посебности на ова село, и од кои причини е погодно за реализација на ваков проект.
„Зелена комуна Белица“ го имаше својот завршен настан како дел од грантовата шема „Граѓанските организации во акција за климатските промени” предводена од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко свест, во соработка со Македонско здружение на млади правници и Организацијата за поврзување на природните вредности и луѓето CNVP, а финансиски поддржан од Владата на Шведска.