На 6 и 7 ноември се одржаа првите национални обуки за истрагa при случаи со труење на диви животни во Северна Македонија. Обуките беа наменети за надлежните институции кои што треба да реагираат и да излезат на увид при вакви еколошки прекршоци или кривични дела. Првата обука се одржа во Кавадарци за учесниците од Кавадарци, Велес и Неготино додека втората обука се одржа на 7 ноември во Битола за учесниците од Битола, Прилеп и Ресен. На сите обуки имаше и учесници кои беа полициски службеници, државни инспектори за животна средина, државни инспектори за шумарство и ловство, официјални ветеринари и други претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, претставници од локалните ловни друштва, претставници од локални невладини организации како и локалните јавни обвинители. Сè вкупно 80 лица беа обучени на различни релевантни аспекти во рамки на оваа специфична истрага.
Предавачите беа група составена од експерти, професори и вработени во државни институции. Дел од нив учествуваа на обуките на Академијата за криминал против дивиот свет на која предавачи беа полициски службеници со повеќе од 15 години искуство во еколошки криминал во Шпанија и беше организирана од страна на Фондацијата за заштита на мршојадците во соработка со Министерството за еколошка транзиција на Шпанија и регионалната влада на Андалузија (Junta de Andalucía). Обуките беа во склоп на проектот БалканДетокс LIFE (LIFE19 GIE/NL/001016) кој што е финансиран од ЕУ LIFE програмата и има цел да ги зајакне националните капацитети за борбата против труење на диви животни во регионот.
Обуката започна со наши презентации за тоа што е криминал против дивиот свет, тековниот проект БалканДетокс LIFE, како и последиците од незаконското труење на популацијата на мршојадецот во нашата држава кој што со години се смета како загрозен вид.
Откако беше поставена основата на обуката, Генералниот инспектор за животна средина Дарко Блинков и Главниот инспектор за заштита на природа Пејо Кировски од Државен инспектор за животна средина (ДИЖС) ја презентираа улогата на нивната институција, нивните досегашни искуства со еколошки кривични дела, релевантните закони и понатамошни активности планирани во оваа проблематика. На обуката во Битола, им се придружи м-р Зоран Димовски, виш инспектор за животна средина и го сподели неговото искуство со случај со труење на 19 белоглави мршојадци во 2007 година во мариовското село Зовиќ.
Во презентацијата Криминалистички истраги за еколошки кривични дела, од професор д-р Марина Малиш Саздовска (Факултетот за безбедност -УКЛО), се разработува методиката на откривање на еколошкиот криминал преку примена на криминалистички начела, оперативно – тактички мерки и истражни дејствија. Исто така, се дава посебен осврт и на начините за дознавање на постоење на еколошки кривични дела, реализација на криминалистичко – технички мерки и активности, како на пример: увид на место на настан, ситуационо вештачење, подигање на материјални докази, расветлување на фингирани кривични дела и слично. Посебна препорака за подобрување на ефикасноста во потиснувањето на овој вид на криминал е формирање на посебен оддел во рамките на Министерството за внатрешни работи кој ќе биде специјализиран за откривање, докажување и разјаснување на еколошките кривични дела, вклучително и труењето на дивите птици.
Следејќи ja професорката, инспекторот Горан Младеновски од Одделот за форензично испитување во МВР одржа практична презентација за собирање на примероци и траги при увидот. Брзо, ефикасно и внимателно ракување во вакви одредени случаи е неопходно за обезбедување на релевантни и корисни примероци но и да се одржи високо ниво на безбедност за сите лица присутни на увидот.
Кога станува збор за анализирање и ракување со угинатото животно, официјалниот ветеринар Љупка Радинска од Агенцијата за храна и ветеринарство сподели информации за правилно идентификување на отруено животно, различните знаци на труење кај цицачите и кај птиците, користејќи фотографии и видеа. Дополнително, г-ѓа Радинска ги објасни надлежностите на официјалните ветеринари при излегување на терен за првичен увид, и понатаму постапување со лешот зависно од дали се работи за заразна болест или труење.
Последната презентација ја одржа проф д-р Валентина Славевска – Стаменковиќ (Природно-математичкиот факултет – Институтот за Биологија) за употребата на форензичката ентомологија како корисна алатка при предистражната и истражната постапка. Постојат повеќе причини за примената на форензичката ентомологија како на пример утврдување време на смртта, дали е преместувана мршата од едно на друго место по смртта, дали има дополнителни манипулации на мршата по смртта, откривање на постоечки рани како и присутност на отрови во органите.
На крај на обуките се одржаа вежби во кои што се презентираше случај со пријава од граѓанин за сомнение за труење на диво животно и ги стимулиравме учесниците да имаат интерактивни дискусии со цел да се изјаснат нивните локални оперативни процедури и на кои начини се ограничени (со број на вработени, опрема, превозни средства, знаење за предметот, географски карти, финасиски средства за токсиколошките анализи на жртвите). Дискусиите беа корисни за понатамошната припрема на Стандардната оперативна процедура (СОП) за постапување при вакви случаи, особено во однос на која институција ја има надлежноста да го подигне отруеното животно и да го пренесе Факултетот за ветеринарна медицина за потребната обдукција и токсиколошни анализи.
Дополнителна тема што се дебатираше беше самото отстранување на отруените животни (диви или домашни) од руралните предели. Поради ниската свест на надлежните институции за опсегот на закани што претставуваат отруените лешови на дивиот свет и на јавното здравје, непознавањето на теренот во руралните средини, тешката физичка достапност до угинатите животни, и други фактори поврзани со капацитетите на институциите, често лешовите не се подигнати иако тие можат да бидат извор на заразни болести или да поттикнат секундарно труење.
Како резултат, од страна на учесниците беше утврдено дека првично е потребен СОП да биде изготвен и законски усвоен. Документот е во фаза на изработка, од страна на неколку членови од националната работна група за борба против отрови, со цел понатаму да се предложи за донесување од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Според Законот за инспекциски надзор во животна средина, членот 34 пишува дека инспекторите при вршење на инспекциски надзор ги користат донесените стандардни оперативни процедури кои што ги донесува директорот на Државниот инспекторат за животна средина.
„Целта на Стандардната оперативна процедура е да им се овозможи на институциите задолжени за борба со криминалот во дивиот свет, спроведување на постапки преку следење на определена стандардизирана процедура и соодветна примена и употреба на административни и технички помагала, разни обрасци, кои се дизајнирани на таков начин да обезбедат висок степен на прегледност, објективност и сеопфатност“, вели Дарко Блинков, Државен инспекторат за животна средина.
Понатаму, се истакна потребата за почести национални обуки за засегнатите државни службеници за да се зајакне нивното теоретско и практично знаење за постапување при вакви случаи.
Подигнувањето на свеста кај правосудните органи е клучен фактор во успешни кривични истраги. Исклучително битно беше што на обуките беа присутни јавни обвинители од Кавадарци, Велес и Битола и активно се вклучија во интерактивните дискусии да споделат корисни информации од страна на нивната експертиза. Неодамна, заедно со некои од членовите од националната работна група за борба против отрови, имавме средба со претставници од Здружените на јавни обвинители како чекор напред во соработката во потиснување на еколошки кривични дела во нашата држава.
Дел од предавачите на обуките учествуваа на обуките на Академијата за криминал против дивиот свет на која предавачи беа полициски службеници со повеќе од 15 години искуство во еколошкиот криминалитет во Шпанија и беше организирана од страна на Фондацијата за заштита на мршојадците во соработка со Министерството за еколошка транзиција на Шпанија и регионалната влада на Андалузија (Junta de Andalucía). Обуките беа во склоп на проектот БалканДетокс LIFE (LIFE19 GIE/NL/001016) кој што е финансиран од ЕУ LIFE програмата и има цел да ги зајакне националните капацитети за борбата против труење на диви животни во регионот.
„Концептот на обуката беше одличен, бидејќи истата беше составена од теоретско-емпириски презентации на експерти и професори од областа, реализација на практична вежба и сценарио за форензичко постапување на место на настан при труење на диви птици и дискусија со интерактивно учество на сите учесници. Резултатот на обуката е повеќекратно корисен. Имено, се разменија добри практики при постапувањето, се лоцираа проблемите и предизвиците во постапување на терен и се предложија конкретни решенија за подобрување на постапката три случаи на труење на диви птици. Исто така, од особено значење е и вмрежувањето на учесниците, што претставува предуслов за нивна идна успешна соработка при вакви случаи“, вели проф д-р Марина Малиш Саздовска, Факултет за безбедност – УКЛО