Раскошните бои на мажјакот на паунот предизвикуваат одушевување и внимание, па ако некаде сте го сретнале, сигурно сте застанале убаво да го погледнете и да му се восхитувате. Паунот е дефинитивно е најубавата птица што може да се види во нашите краеви.
Малку е познато дека, иако кравите се заштитен вид и симбол на Индија, сепак, токму паунот е национална птица на Индија. Поради својата убавина, уште одамна бил пренесен во европските дворци и замоци, каде набргу станал главна атракција. Големите паркови и аристократски дворови се како создадени за мажјакот паун, кој обожува да ја шири својата опашка богата со пердуви во прекрасни бои и шари во вид на очи.
Постојат само два вида на пауни – индискиот паун Pavo cristatus и зелениот Pavo muticus. Индискиот, познат како синиот паун, во природа е распространет на целиот Индиски потконтинент. Мажјакот има сјајна сина-зелена глава и врат, со прекрасна опашка од долги пердуви кои на врвот завршуваат со таканаречени очи. Женките пак се неугледни со кафенасто обојување и без раскошни пердуви. Карактеристично за овој вид што на главата имаат пувка, која дополнително им дава елеганција на овие прекрасни птици.
Зелениот, познат и како немиот паун, живее во природата на територијата од државата Мјанмар до островот Јава. Кај овој вид, и мажјакот и женката се со зелена боја со бронзени шари од главата до опашката, а крилјата им се со тиркизна или црна боја.
Индискиот паун кој го има и кај нас, сака женско друштво. Живее во мали групи најчесто составени од еден мажјак и 3 до 5 дами. Иако петелот е оној кој ги буди домаќините, и паунот е ранобудник, бидејќи оди на спиење во првиот самрак. Рано наутро, сака да биде на отворено, а на крајот на денот се движи до наомилените места каде има прашина за да се искапе во неа. И покрај долгата опашка, мажјаците како и женките се во состојба брзо да трчаат. Опашката на господинот паун му смета при обидот да полета, но штом се вивне во воздухот, лета многу брзо. А кога се гладни, не се многу пребирливи. Пауните се сештојади – во нивното мени има инсекти, овошја, семки, мали цицачи и влекачи.
Во период на парење, паунот испушта гласни звуци, ја отвара и ја тресе својата прекрасна опашка. И додека мажјаците арогантно се шепураат со своите опашки, женката го бара најсоодветниот партнер – оној кој има најдолга опашка со најголем број на очи. Колку опашката е подолга и колку има повеќе очи, тоа и кажува на женката дека таквиот мажјак е поздрав и посилен, бидејќи само мажјаците со добра телесна состојба можат да си дозволат време и енергија за одржување на својата опашка. Во текот на една сезона на парење, мажјакот се пари со околу 6 женки. Интересно е што за време на парењето дамите пауници се многу агресивни и себични, па покрупните и посилните пауници ќе се обидат да им го ограничат пристапот до мажјаците на останатите женки од групата. Женките несат од 4-6 јајца и кратко време се грижат за малите паунчиња.
Паунот можете да го сретнете во бројни религи со различно значење, но пред се тој се смета како симбол на виталноста, духовитоста и бесмртнотса. Во будизмот е симбол на знењето, во хундуизмот е верен сопатник на Богињата на радоста, изобилието и трпението, а во христијанството е симбол на спасение.
Пред да ја завршиме приказната за паунот, еве уште неколку занимливости. Уште во минатиот век, дворските дами ја увиделе убавината на пердувите, па често со нив ги украсувале своите големи шапки. Риболовците пак, биле среќни што пердувите имаат висок сјај, боја која наликува на онаа на инсектите и не впиваат вода, па се идеални како мамец во риболовбот познат како мушичарење.
И уште нешто – се смета дека ако сонувате паун, тоа ќе ви донесе среќа и просперитет. Убав сон.
Професор Јорданова Маја