Во насока на реализирање на компонентата за подигнување на јавната свест во рамките на проектот „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на активности за чистење на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и γ-HCH (линдан) во ОХИС”, Македонското еколошко друштво (МЕД) во координација со канцеларијата за ПОПс при Министерството за животна средина и просторно планирање, на 15-ти април организираше информативна средба со новинари и засегнати чинители. Настанот беше хибриден и се оддржа во канцеларијата на МЕД и на платформата zoom.
На настанот, националниот координатор на проектот од POPs канцеларија на МЖСПП Сузана Андонова ги презентираше целите на проектот, главните активности и постигнатите резултати досега.
Џорџ Цаимос, раководно лице на компанијата ПОЛИЕКО која е задолжена за чистење на депонијата, сподели дека во еден од базените на малата депонија има 650 тони отпад од кои 450 тони се линдан додека остатокот е контаминирана почва со линдан и други хемиски супстанци. Досега се отстранети и спакувани околу 350 тони. Се очекува дека за дваесетина денови ќе биде исчистен остатокот од делот од малата депонија кој е предвиден со овој ископ.
ПОЛИЕКО и претставникот на TAUW (фирма задолжена за супервизија на целиот процес) споделија дека личната заштитна опрема на работниците е по највисоки пропишани заштитни стандарди, а активностите се спроведуваат според соодветни правилници и процедури. Парелелно со овие активности се спроведува мониторинг на изведбата во шаторот и блиската околина на депонијата во рамки на фабриката ОХИС, како и мониторинг на параметри во воздух кои следат присуство на некои од хемикалиите.
Овој настан е дел од задачите предвидени со проектот кои Македонското еколошко друштво има обврска да ги реализира, и се во насока на подигнување на јавната свест за целокупниот процес до крајот на чистењето на првиот ископ од малата депонија, со што практично би завршила поддршката на проектот обезбедена од UNIDO.
Снимка од настанот може да најдете на следниот линк.