Македонското еколошко друштво (МЕД) е здружение на граѓани, активно во областа на екологијата и заштитата на животната средина. МЕД своите цели и задачи ги остварува преку спроведување и учество на проекти, како и организирање научни и стручни собири.
Покрај научноистражувачката дејност, МЕД работи на јакнење на своите капацитети преку обучување на своите членови и создавање млади научни кадри. Со вклучување млади еколози, биолози, агрономи, шумари, технолози и други ентузијасти во научноистражувачката работа и нивно доусовршување преку различни обуки, магистерски и докторски студии во државата и надвор од неа, МЕД помага кон формирање млади кадри кои во иднина би се справувале со предизвиците на полето на екологијата, заштитата на животната средина и природата.
МЕД издава научни и популарни изданија од областа на екологијата и заштитата на животната средина. Соработува со други организации и членува во бројни домашни и меѓународни здруженија и асоцијации.
Македонското еколошко друштво организира меѓународни собири и конференции во нашата земја поврзани со заштитата на животната средина и тоа во соработка со признаени меѓународни организации и фондации.
Последниот Статут на МЕД беше усвоен во 2021 година и може да го видите тука.
Мисија
Мисијата на МЕД е да ги заштитува природата и животната средина преку проширени знаења и граѓанска вклученост.
Визија
Визијата на МЕД е граѓаните од Македонија да ја ценат и негуваат природата, да ја заштитуваат животната средина и да се стремат кон економски развој заснован на принципите на одржливост.
Цели
- Промовирање на екологијата како наука
- Заштита и унапредување на животната средина и природата
- Ширење на еколошките знаења и унапредување на еколошкото образование
- Промовирање на принципот на одржлив развој
Вредности и политики на МЕД:
„Нулта” толеранција за сексуална експлоатација и злоупотреба
Сите форми на сексуална експлоатација и злоупотреба (СЕЗ) претставуваат повреда на човековите права и злоупотреба од позиција на моќ врз ранливо население за кое Обединетите нации и други хуманитарни и развојни чинители се залагаат да го заштитат. СЕЗ може да доведе до сериозни, и понекогаш доживотни негативни последици за лицата кои преживеале СЕЗ, а особено децата. Покрај тоа, СЕЗ го поткопува интегритетот и угледот на МЕД и може да биде закана за безбедноста на вработените и оперативното работење.
МЕД има политика за нулта толеранција за СЕЗ. Сите вработени и стручен кадар на МЕД се придржуваат на највисоките стандарди за лично и професионално однесување, и обезбедуваат услуги со почитување и поттикнување на правата на корисниците и други ранливи членови на локалните заедници. Оваа политика дефинира и посебен пристап на МЕД за превенција и одговор на СЕЗ.
Политиката е применлива за сите вработени и ангажирани соработници, додека се на и вон должност.
Политика на приватност на податоците на МЕД
Политика за родова еднаквост на МЕД