Македонското еколошко друштво (МЕД) е формирано во 1972 година со мисија за обединување на еколозите од Македонија, развој на екологијата и поефикасно решавање на проблемите во животната средина.
МЕД се регистрира на републичко ниво и започнува самостојно да функционира под името „Друштво на еколозите на Социјалистичка Република Македонија“, при што за прв пат ги идентификува и дефинира својата мисија, цели и задачи.
Периодот од 1972-1975 година, претставува период на комуникација и координација на членовите на Друштвото, со цел да се одредат насоките во кои Друштвото понатаму ќе делува.
Друштвото беше вклучено преку УНЕСКО и УНЕП во процес на креирање на заедничка програма за образование за заштита на животната средина, со цел да се разработи меѓународна програма за школско и воншколско образование. Дел од оваа програма беше изложбата „Екологијата во практика“ во која Друштвото беше вклучено преку нејзино организирање.
Преку свои претставници, Друштвото учествува на меѓународен собир во Тбилиси во органиација на УНЕСКО, каде главна тема за работа се еколошкото образование и заштитата на животната средина.
Во Охрид, под покровителство на УНЕСКО преку југословенската Kомисија за соработка со УНЕСКО, а во организација на Друштвото, е одржан Југословенски колоквиум – образование и заштита на животната средина.
Во Македонија се одвиваше политички процес на окрупнување на државните и невладините организации. Во тој контекст во 1986 година беше формиран Сојузот на еколошките друштва на СР Македонија со единствена членка – Друштвото на еколозите на СР Македонија. Во суштина, Друштвото прерасна во сојуз, а нови еколошки друштва во Македонија од неформалните секции не се формираа поради отсуство на интерес.
Во периодот од 12–16 октомври 1988 година, Сојузот на еколошките друштва на СРМ го организираше Четвртиот конгрес на еколозите на Југославија (последен југословенски) во Охрид како дел од активностите на Сојузот на друштвата на еколозите на Југославија.
Пререгистрацијата на Сојузот како невладина организација се изврши во јули 1992 година под името „Друштво на еколозите на Македонија“ со што конечно се напушти идејата за постоење на „сојуз“ којшто би обединувал повеќе научни еколошки друштва од Македонија.
Овој период е значаен за МЕД бидејќи тогаш започнаа да се спроведуваат истражувања кои се насочени кон проучување на биодиверзитетот, што претставува пресуден момент за понатамошното дејствување на Друштвото. Како резултат на тоа, во 1997 година беа започнати комплексни екосистемски истражувања во буков екосистем во Националниот парк „Маврово“, со финансиска поддршка на Министерството за наука на Република Македонија. Овие истражувања продолжија да се спроведуваат интензивно сè до 2005 година.
Друштвото е пререгистрирано и го носи денешното име – Македонско еколошко друштво. Во Охрид беше организиран Првиот конгрес на еколозите на Македонија, со меѓународно учество.
- Во Охрид беше одржан Вториот конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество, во периодот од 25-29 октомври.
- Една од најзначајните проектни активности на МЕД по обем и континуитет се однесува на програмата за проучување и заштита на мршојадците во Македонија, која започна со реализација во 2003 година. Главниот фокус на програмата е насочен кон мониторинг и прихрана на мршојадците, како и едукација и зајакнување на институционалните капацитети. Основен предизвик на проектите од оваа програма и понатаму е справување со нелегалното користење на отровни мамки, кои се најголемата закана и основна причина за значителното намалување на бројноста на овие птици, како и на останатиот животински свет во Македонија.
Формирана е канцеларија (стручна и техничка служба) на МЕД која активно се грижи за реализација на административно-техничките, стручните, научните, помошните и другите работи од заеднички интерес за остварување на целите и задачите на МЕД. Истата година започна и спроведувањето на долгогодишен проект „Програма за закрепнување на балканскиот рис“, во соработка со неколку меѓународни организации. Овој проект е од големо значење за МЕД заради неговата инволвираност во заштитата на загрозен вид, од една страна, како и усовршување на дел од капацитетите на МЕД, од друга страна.
- Во Струга беше одржан Третиот конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество, во периодот од 6–9 октомври 2007 година. Конгресот воедно ја одбележа и 80-годишнината од животот и шеесет години активна научна работа на проф. д-р Љупчо Групче, основачот на МЕД.
- МЕД започна со спроведување прекуграничен проект за Осоговските Планини, чии активности траат и денеска. Станува збор за проектот „Осоговските Планини во Зелениот балкански појас“ преку кој се обезбедува поефикасна заштита на биодиверзитетот и одржлива употреба на природните ресурси на Осоговските Планини, со основна цел – формирање на прекугранично заштитено подрачје со поддршка од локалните власти и обезбедување на услови за одржлив економски развој во регионот.
МЕД прослави 40 години од своето постоење, па по повод повеќедецениското активно дејствување во областа на екологијата и заштитата на животната средина, Друштвото го организира Четвртиот конгрес на еколозите со меѓународно учество кој се одржа од 12–15 октомври во Охрид.