Центарот за едукација и развој (ЦЕД) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Програмата за животна средина на ОН (УНЕП) и Македонско еколошко друштво започнаа со имплементирање на јавната кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк.
Кампањата започна со промоција на видеото подготвено од Македонско еколошко друштво со наслов „Шар Планина – иден национален парк“ во кoe се презентираат природните вредности на планината и се пренесува пораката дека заштитата на природата може да донесе и локален економски развој и задржување на локалното население во планинските села.
Промоцијата е дел од серија настани насловени како „патувачко кино“, организирани од ЦЕД. Првиот настан се одржа во месноста Те Душку (Te Dushku) во село Камењане, а „патувачкото кино“ ќе продолжи и во Непроштено, Вејце и други села на Шар Планина.
Покрај овие настани во рамки на јавната кампања предвидени се и рурални форуми и планинарски тури за запознавање на локалното население со придобивките од идниот национален парк, како и подготовка на други промотивни материјали.
Македонско еколошко друштво и Центарот за едукација и развој од Теарце на овие настани апелираа дека потребна е целосна вклученост и поддршка на локалното население во целиот процес со цел поголема транспарентност и запознавање на засегнатите страни за идното заштитено подрачје и поголема успешност на кампањата.