Имаме нов рис! На 12 февруари 2020 година тимот рисаџии од Македонското еколошко друштво (МЕД) со помош на кафез-замка залови нова единка од реткиот балкански рис во месноста Буковиќ, близу Стража. Во постапката за успивање и земање биометриски податоци и примероци од влакна и крв помагаа претставник од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје и ловџиите од ловното друштво „Сокол-З“ од с. Зајас. По извршената постапка се утврди дека единката е здрава женка, веројатно на возраст од 2–3 години, тешка 15 kg.

Ова е втора рисица (по Маја) што ќе носи околувратник и ќе биде пратена со методот на радиотелеметрија и GPS-следење. Со ова го збогатуваме нашето знаење за распространувањето на рисот, и за неговите потреби од храна и живеалиште. Рисицата претходно беше снимена лани на истиот локалитет со помош на фотозамки. Таа засега е во добра состојба, а тоа го потврдуваат и првите лоцирања со помош на GPS-сигнал, кои ни го открија и нејзиниот прв плен – срндак уловен 4–5 дена по обележувањето.

Честа да ја именуваат рисицата им припадна на нашите пријатели од ЛД „Сокол-З“, кои одлучија оваа убавица да ја крстат Нарциса. Нарциса, ти посакуваме богат плен и голем пород!

Од 2010 година па наваму, МЕД има заловено и ставено околувратник на вкупно осум единки рис, со кои стекнавме вредни податоци за однесувањето на ова таинствено животно.

 

 

Start typing and press Enter to search