Фотографии од Шара
Во соработка со планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово и Центарот за едукација и развој на 12 октомври 2020 година организиравме еднодневна оф роуд тура за фотографирање на убавините на Шар Планина на која учествуваа љубители на природата и фотографи.
Учесниците уживаа во прекрасните предели на Шара од локалитетот „Бугарски колиби“ во јужниот дел на планината со прекрасниот поглед кон врвот Враца долж пределот Шарски Води се до Попова Шапка. Во план беше пешачење и до Црно Езеро, но поради лошите временски услови тоа изостана.
Со турата официјално заврши јавната кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк која ја спроведуваше Центарот за едукација и развој и платформата „Пријатели на Шара“ со поддршка на Канцеларијата за животна средина на ОН – УНЕП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Кампањата траеше речиси три месеци, а започна со организирање рурално кино во четири села, каде се прикажуваше филмот „Шар Планина-иден национален парк“. Покрај ова, во други три населени места се реализираа рурални форуми кеде се презентираа резултатите од Студијата за валоризација за природните вредности на Шар Шланина, зонирањето на идниот национален парк и можните придобивки за локалното население што се занимава со земјоделство и сточарство.