На 12 мај (недела), Македонското еколошко друштво (МЕД) заедно со Истражувачкото друштво на студенти биолози го одбележи Светскиот ден на птици преселници во рамки на проектот „Нова надеж за египетскиот мршојадец“.
Околу 40 студенти биолози и љубители на птици имаа шанса да ја посетат земјата на египетските мршојадци во централниот дел на државата во близина на градот Велес. За време на посетата, движејќи се околу една активна територија на египетски мршојадци, забележавме еден пар како кружи околу гнездото, а подоцна потврдивме и инкубација.
Теренот беше од научен и едукативен карактер, а студентите и експертите собираа податоци од речиси сите области на живиот свет.
Тимот од МЕД кој работи со египетскиот мршојадец одржи кратко предавање за екологијата, заканите и дистрибуцијата и миграцијата на овој вид. Освен египетски мршојадци, имавме среќа да видиме и други интересни птици преселници како: царски орел, црн штрк, осојад, орел змијар, итн. Се надеваме дека со оваа теренска активност успеавме да ја подигнеме јавната свест за овој глобално загрозен вид а можеби и да придобиеме луѓе кои во иднина би ни помогнале кон заштита на оваа чудесна птица.
Повеќе за овој проект можете да прочитате тука
(LIFE16 NAT/BG/000874)