Светски ден на мршојадците │ 2026


Секоја година, првата сабота во септември им е посветена на мршојадците – тивките чувари на нашиот природен свет. Низ вековите, во многу култури биле длабоко почитувани и обожавани, но денес се честопати погрешно разбрани.

Зошто мршојадците се толку важни птици?

Освен што се фасцинантни летачки џинови и посветени родители, тие се и незаменливи чистачи на природата. Исклучително се важни за биолошката разновидност во нивните живеалишта, а благодарение на силната желудочна киселина која без проблем уништува бактерии како антракс, салмонела и бруцелоза, имаат неверојатна важна санитарна улога во природата. Доволно голема и стабилна популација на мршојадци го спречува натрупувањето на угинати животни и ширењето на болести, со што овие птици придонесуваат кон одржување на рамнотежата во природата и го штитат и дивиот свет и нас, луѓето.

Мршојадците живеат насекаде, освен на Антарктикот и во Австралија. Од вкупно 23 видови во светот, на европскиот континент живеат четири вида со неверојатно фасцинантна хиерархија во исхраната.

Кои видови мршојадци се сретнуваат во Македонија?

Од четирите европски видови, кај нас се преостанати само два – белоглавиот и египетскиот мршојадец. Египетскиот мршојадец (Neophron percnopterus) e многу интелигентна и загрозена граблива птица, позната по своето остро бело и црно перје и жолтото лице. Најмал е од четирите видови мршојадци во Европа и единствениот меѓу нив со опаѓачка популација. Се проценуваа дека во светот има околу 2900 гнездечки парови, а кај нас има само уште 12.

Белоглавиот мршојадец (Gyps fulvus) е една од најголемите птици што можат да летаат. Иако глобално не е загрозен, на македонска територија се сретнува мала и изолирана популација од само 19 гнездечки парови, главно во Демиркапискиот Регион. Кај нас овој вид е трајно заштитен со закон.

Зошто се загрозени птици?

Иако имаат непроценлива улога во природата, сепак мршојадците се меѓу најзагрозените групи на птици во светот. Една од причините е недостигот на храна, што е последица на изумирањето на традиционалното сточарство и на климатската криза. Во земјава, најзначајни ризици за мршојадците се струјните удари и судирите со надземните далекуводи, како и незаконското труење.

Што прави Македонското еколошко друштво за да ги заштити?

Сакајќи да ги заштитиме популациите на мршојадци кај нас, тековно спроведуваме два проекта кофинансирани преку Програмата „Лајф“ на Европската Унија. Покрај царскиот орел (Aquila heliaca), египетскиот мршојадец е еден од двата клучни загрозени вида птици на чие зачувување работиме во рамките на меѓународниот проект „Безбедни жици за загрозени птици“ (101216021 — LIFE24-NAT-BG-EP for Birds LIFE). Во наредните пет години, заедно со ЕВН Македонија и со партнери од Бугарија и Турција, ќе воведеме нови технологии и научни методи за изолација на дистрибутивната мрежа, со што ќе се подобри околу 25 % од мрежата во Овче Поле, Градско, Тиквешијата и Демир Капија и значително ќе се намали смртноста кај птиците: до 70-90 % од струен удар и 50-70 % од судир со надземните далекуводи. Ова е прв ваков проект во Програмата „Лајф“ во Европа и се очекува да придонесе за зголемување на популацијата на царскиот орел и за подобрување на гнездечкиот успех на египетскиот мршојадец.

Белоглавиот мршојадец, пак, е во фокусот на шестгодишниот меѓународен проект „Балкански ГрифОН – живот за белоглавите мршојадци“ (LIFE24-NAT-NL-LIFE Balkan GriffON/101215506) којшто ќе придонесе за обновување на популациите на белоглави мршојадци кај нас и во Грција и за зајакнување на заштитарските капацитети за белоглавите мршојадци низ регионот. Преку проектот ќе ослободиме околу 100 белоглави мршојадци на клучни локации, ќе ја подобриме достапноста на храна преку хранилишта и ќе го поддржиме традиционалното сточарство. Ќе ги зајакнеме капацитетите на центрите за рехабилитација на дивиот свет, а преку директна соработка со сточари, доктори по ветеринарна медицина и локалните власти ќе се намалат ризиците со кои се соочуваат мршојадците.

На овој начин, активностите од двата проекти се надополнуваат и суштински придонесуваат не само кон заштитата на фасцинантните мршојадци, туку и на сите останати грабливки и други птици кои гнездат или мигрираат низ земјата. 


Scroll to Top