Дискусијата со групата средношколци и професори од Демир Хисар беше последната од низата фокусни групи и интервјуа кои Институтот за комуникациски студии (ИКС) ги спроведе во рамки на проектот „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина“. Од почетокот на мај заеднички со нас ИКС реализираа шест фокусни групи и десетина интервјуа со професори во шесте региони и општини со заштитени подрачја (Пелагонија, Струмица, Охрид, Преспа, Демир Капија, Тиквеш). Учесниците дискутираа кои се според нив приоритетите за заштита на животната средина во нивната најблиска околина, колку во формалното образование се учи за екологија, за одржлив развој и за заштита на средината, дали се вклучени во воннаставни активности во оваа област, форми на соработка меѓу училиштата и институциите, локалната власт, граѓанските организации и сл. Во истражувањето беа вклучени шеесетина средношколци и единаесет профсори од вкупно единаесет средни училишта во овие региони и општини.
Ние заедно со ИКС ќе реализираме фокусни групи со граѓанските организации од овие региони и општини, како и со претставници на институции чија надлежност е поврзана со заштитата на животната средина и управувањето со заштитените подрачја. Врз основа на наодите од истражувањето, ќе се утврдат најгорливите еко-проблеми во овие места за да може во следната фаза од проектот да се поддржат партнерските иницијативи за заштита на животната средина меѓу граѓанскиот сектор и средните училишта. Наесен ИКС ќе објави повик за доделување грантови за поддршка на шест иницијативи.
Овој проект МЕД го реализира во партнерство со ИКС, и истиот е поддржан од Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР).