Тимот за балканскиот рис на МЕД на 10 јуни го организираше редовниот годишен состанок на членовите на мониторинг мрежата кој е и последен од третата фаза на Програмата за закрепнување на балканскиот рис (БЛРП). Настанот беше организиран во Вевчани на планината Јабланица каде претходната зима беше спроведена опортунистичка сесија со камера-замки и сесија за обележување на рис со ГПС околувратник за научни цели. Најголем број од учесниците беа ловџии или ловочувари од региони каде е распространет балканскиот рис, а помал дел беа ветеринари, сточари и новинари.
Содржината на програмата и целта на состанокот беа да се истакнат придобивките од соработката помеѓу тимот за рис и членовите од мрежата која резултираше со успешно спроведена сесија со камера замки на Јабланица. Резултатите од сесијата заедно со останатите поважни активности од БЛРП фаза III беа презентирани и дискутирани. По презентациите членовите на мрежата за време на дискусијата искажаа загриженост и посочија на проблеми кои се случуваат во големи размери во последно време – голите сечи на шумата и фрагментарање на живеалиштата предизвикани главно од изградба на новиот автопат Гостивар-Кичево-Охрид; поставување на примки-стапици од страна на криволовците кои се неселективни (може да се фати секое животно поголемо од зајак) и смртоносни.
Пред да заврши состанокот беше најавена работилница за обука на членовите на мониторинг мрежата за користење на бесплатен софтвер за потребите на мониторингот на балканскиот рис и неговиот плен. Работилницата најверојатно ќе се одржи во следната фаза од проектот.