Македонското еколошко друштво во соработка со Институтот за развој на заедницата од Тетово организираше трибина по повод повторно актуелната иницијатива за прогласување на Шар Планина за национален парк на тема „Зошто Шар Планина заслужува да биде национален парк?“. Оваа трибина беше одржана во рамки на компонентата за заштитени подрачја од тековниот проект Програма за закрепнување на балканскиот рис.

–  Македонија, според препораките од меѓународните конвенции, се има обврзано дека процентот на заштитени подрачја во земјава ќе го зголеми. Иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк постои долго време. Иако на политичко ниво има исчекор сепак процесот мора да се одвива паралелно и на локално ниво. Локалното население треба да се запознае со вистинските информации но и да разбере дека националниот парк може да донесе бенефит и развој во регионот, изјави Љубчо Меловски, универзитетски професор и член на МЕД.

Според Тиз Гертц од Германската фондација Еуронатур, поддршката на невладините организации од регионот кои работат на полето на заштита на природата и промовирање на природните вредности на Шар Планина ќе продолжи и понатаму.

На трибината присуствуваа педесетина учесници, главно членови на невладини организации и претставници од шесте општини кои гравитираат на Шар Планина. Трибината почна со презентации за бенефитите околу тоа што значи да постои заштитено подрачје во регионот, природните вредности кои ги поседува Шар Планина и сите реализирани активности на МЕД за заштита на овој планински масив. На трибината беше претставена и листа на вкупно 43 локални организации, планинарски друштва и индивидуалци коишто позитивно одговориле на анкетата дали во изминатите 15 години работеле на проекти и активности поврзани со промовирање на природните вредности на Шар Планина и заштитата на природата.

На дебатата учесниците имаа шанса да постават прашања и да ги изнесат потенцијалните проблеми со кои се соочува природата на Шара. Заклучок од оваа средба е дека локалното население не е доволно информирано за предностите кои ги нуди едно заштитено подрачје. Учесниците се сложија дека вакви слични дебати треба да се организираат со присуство на жители од селата на Шара со цел да се запознаат со целиот процес на прогласување на национален парк, неговиот бенефит и евентуалните ограничувања.

Start typing and press Enter to search