Во рамки на тековните истражувања за проектот „Лет над штрково гнездо“ во значајното подрачје за птици Долен тек на реката Вардар, минатата недела откривме два интересни наоди.

Првото изненадување беше парот штркови што веќе престојува во с. Богородица. Според информациите од селаните парот за првпат бил забележан уште во јануари и оттогаш останал во селото. Сметаме дека станува збор за пар кој воопшто не мигрирал и преживувал од храната во локалните влажни живелишта, депонии или во потоплите региони во Грција. Ваквите феномени каде штркови не мигрираат во Африка се забележуваа од осумдесеттите години на минатиот век. Најчестите вакви случаи во последната деценија се забележуваат во Шпанија и Португалија. Научниците сметаат дека оваа промена во однесувањето на штрковите е комбиниран резултат на климатските промени и лесно достапните извори на храна во легалните и нелегалните депонии. Доколку се потврди, ова ќе биде прв случај на штркови кои презимуваат во нашата држава.

 

 

 

 

Вториот интересен пронајдок се случи во соседното село, с. Стојаково. Во големо јато страчки кои при крајот на денот се собираа околу нивното преноќувалиште забележавме делумно леуцистична страчка. Наместо препознатливите црно-иридисцентини и бели пердуви, таа имаше доминантно бели пердуви на телото и светло кафеави пердуви на главата и долниот дел од опашката. Вакви генетски промени во експресијата на меланинот (црниот пигмент кој се среќава кај сите животни) се ретки но не се невообичаени. Честопати ова поинакво обојување кај животните има повеќе негативни отколку позитивни придобивки (лесна препознатливост за предатори, потешкотии во терморегулација и успешност во наоѓање на генздечки партнер, итн.). Досега сме среќавале неколку случаи на албино птици, но ова е прва документирана појава на леуцистична птица. Се надеваме дека оваа страчка успешно ќе ја заврши оваа гнездечка сезона и дека успешно ќе продолжи да живее во ова јато.

Start typing and press Enter to search