Признание за трајни вредности од ПК „Љуботен“

Да се опстои еден цел век во каква било дејност е редок и навистина голем подвиг, а особено кога станува збор за мисија што бара страст, истрајност и длабока љубов кон природата и планините. Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово, најстариот планинарски клуб во Македонија, на 15 ноември со свечена церемонија го одбележа својот импресивен 100-годишен јубилеј. Овој значаен датум сведочи за сто години неуморна енергија, заедништво и посветен труд вложен во промовирањето на планинарењето и природното богатство на нашата земја.

Формиран во 1925 година, „Љуботен“ во изминатите сто години создаде значајна историја за македонското планинарство: од неговите редови потекнуваат првите скијачи, членовите учествувале во изградба на планинарски домови и биле двигатели на алпинизмот и активниот живот. Денес, клубот активно работи на зачувување на природата на Шар Планина и на развојот на планинскиот туризам. Саботната церемонија само ги потврди вредностите кои веќе една век ги негува клубот „Љуботен“.

За нас е вистинска чест што сме дел од ова големо семејство. Искрено благодариме за доделеното признание за трајни вредности, кое во името на Македонско еколошко друштво го прими нашиот претседател, проф. д-р Славчо Христовски. Воедно, голема благодарност и за постхумното признание доделено на нашиот долгогодишен претседател, проф. д-р Љупчо Меловски, кое го подигна д-р Диме Меловски.

Уште еднаш ги изразуваме нашите најискрени честитки до ПК „Љуботен“ – со желба за уште многу освоени врвови и уште повеќе славни јубилеи што претстојат!

Scroll to Top