Пријатели, соседи, колеги – Годишна средба на „ПреспаНет“ за 2026 година

Македонското еколошко друштво беше домаќин на Друштвото за заштита на Преспа од Грција (СПП) и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (ППНЕА) на Годишната средба на прекуграничната мрежа на еколошки организации „ПреспаНет“, која минатата недела се одржа во Отешево на западниот брег на Преспанското Езеро.

За време на првиот ден беше направен осврт на активностите од тековиот проект „ПреспаНет III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur. Притоа, учесниците направија пресек на сето она што е досега реализирано во рамки на проектот, но и треба да се реализира во текот на претстојна 2026 година во рамки четирите проектни програми: „Зачувување на водните и влажните живеалишта“, „Консолидирање на заштитните интереси во Преспа“, „Справување со приоритетните закани“ и „Зајакнување на ангажманот со локалната заедница“.

Вториот ден беше посветен на дискусии за долгорочниот развој на мрежата и нејзината работа во Преспа, разгледувајќи ги прашањата поврзани со подготовката на идни проекти, ревидирање и надоградување на стратешката визија на ПреспаНет, изработка на заедничка комуникациска стратегија на нашата мрежа, но и прашања поврзани со идното функционирање на прекуграничниот „Преспа Парк“ на меѓудржавно институционално ниво.

Средбата беше можност уште еднаш да ја потврдиме нашата заедничка заложба и мисија за заштита и зачувување на природното наследство и биолошката разновидност на нашиот споделен дом – прекуграничниот Преспански Регион!

Scroll to Top