Македонското еколошко друштво (МЕД) и германската фондација Еуронатур (EuroNatur) објавуваат Повик за поднесување на предлог проекти кои се однесуваат на локален одржлив развој на подрачјето на Илинска и Плакенска Планина. Висината на малите грантови со кои ќе се подржат проектите изнесува од 2.000 до 3.000 ЕУР по проект. Легитимни субјекти за поднесување на предлог проекти се: Општините Демир Хисар, Другово, Дебарца и Охрид, нивните месни заедници и организации, како и сите здруженија на граѓани, правни и физички лица со седиште во горенаведените општини. Крајниот рок за доставување на предлог проекти е 30ти декември 2011 година.

Повикот е во склоп на Програмата за мали грантови организирана во рамките на проектот „Програма за закрепнување на балканскиот рис II“. Проектот го спроведува МЕД во соработка со Еуронатур, а е финансиски подржан од Фондацијата „МАВА“ од Швајцарија.

Критериуми за аплицирање

Пред да аплицирате за Малите Грантови, Ве молиме внимателно да ги прочитате подолу наведените критериуми, за да утврдите дали Вашиот Проект може да се квалифицира. За горенаведеното но и за какви било подетални информации Ве молиме да се обратите во Македонското еколошко друштво (види контакт подолу).

Висина на малите грантови.

  • Висината на малите грантови со кои ќе се подржат проектите изнесува од 2.000 до 3.000 ЕУР по проект, во денарска противвредност.

Кој може да аплицира ?

Легитимни субјекти за поднесување на предлог проекти се:

  • Општините Демир Хисар, Другово, Дебарца и Охрид, нивните месни заедници и организации;
  • Здруженијата на граѓани со седиште во општините Демир Хисар, Другово, Дебарца и Охрид;
  • Правни и физички лица со седиште/место на живеење во општините Демир Хисар, Другово, Дебарца и Охрид;
  • Партнерства формирани од два или повеќе субјекти од погоре наведените.

Една организација може да аплицира со повеќе проекти. Кофинансирање на предлог-проектите од други извори е возможно и се поттикнува.

Теми кои ќе се поддржат:

  • ТА1:     Подигање на јавната свест и едукација за животна средина и природата (за локално население и/или за туристи)
  • ТА2:     Промоција на природните вредости на Илинска и Плакенска Планина (за локалното население и/или за туристи)
  • TA3: Управување со природни ресурси и заштита на биодиверзитетот

Критични компоненти за аплицирање:

  • Апликацијата нема да се земе предвид доколку целосно не се пополни ФОРМУЛАРОТ за АПЛИЦИРАЊЕ, заедно со трите препораки, односно спроведени активности
  • Пожелно е проектите да бидат од општ бенефит на населението
  • Средствата мора да се користат првенствено на теренот
  • Влијанието мора да е практично, мерливо и одржливо
  • Проектот треба генерално да е со времетраење од 6 месеци

 

Какви проекти нема да бидат финансирани?

  • Проекти кои не се од интерес за заштита на природните вредности на регионот
  • Инфраструктури проекти
  • Конференција или семинар како единствени активности во проектот

Упатство за аплицирање

Пријавувањето на проектните концепти се врши според Формуларот за аплицирање и условите наведени во него. Формуларот за аплицирање може да се превземе тука или да се побара директно од канцеларијата на МЕД (види контакт подолу). Официјалниот формулар за аплицирање мора да се користи и апликантите мора да ги пополнат уредно потрeбните информации. Потребни документи кои треба да се достават се:

–          Потпишано пропратно писмо;

–          Уредно пополнет формулар;

–          CV на раководителот на проектот;

–          Детален буџет на проектот;

–          Потврда за обезбеденоо кофинансирање на проектот, доколку истиот предвидува кофинансирање;

–          Потпишан документ за меѓусебна соработка доколку повеќе субјекти го поднесуваат формуларот.

Предложените проекти треба да завршат најдоцна до 30ти септември 2012 година. Се препорачува проектот да е со времетраење од 6 месеци, иако секој проект се разгледува и оценува на индивидуален начин, со што должината на проектот е флексибилна.

КРАЕН РОК

Крајниот рок за доставување на предлог проекти е 30ти декември 2011 година. Подготвените проектни концепти треба да се достават до Македонското еколошко друштво на следната адреса: Македонско еколошко друштво

бул. Кузман Јосифовски Питу бр. 28/3-7

1000 Скопје

Апликациите ќе се разгледаат и одлуките ќе се донесат во период од 20 дена по завршувањето на повикот. Нема интервјуа.

Донаторот го задржува правото да не ги распредели сите предвидени средства доколку предложените проекти не одговараат на целите на проектот Програма за закрепнување на балканскиот рис II.

Подетални информации за малите грантови / критериумите за аплицирање / лицата (физички и правни) или други информации  може да добиете преку контакт лицето:

Александар Стојанов од МЕД на тел. 02/2402-773 или на е-маил:   stojanov@mes.org.mk .

Start typing and press Enter to search