Според националниот попис на белите штркови во 2015 година, градот Берово имаше само едно активно гнездо од овој знаменит вид. Меѓутоа, гнездото беше загрозено и со тоа опстанокот на овој единствен пар беше доведен во прашање. Можноста градот да го изгуби единствениот пар штркови поттикна активизам и соработка која вклучи клучни чинители на локално и националано ниво, дури и во време на пандемија. Прочитајте повеќе за патешествијата на штрковите и неговите чувари…
На почетокот на март добивме дојава од загрижени граѓани од Берово, членови на ПРО АНИМА, Здружение за заштита на животните од Берово, и од кабинетот на градоначалникот на Берово дека единственото гнездо на штркови во градот е во неволја. Имено, ова гнездо со години стои на оџакот од една фабрика, која после долги години годинава пак почнала да работи.
Тука започна една од најкомплексните акции за спасување на ова единствено и симболично гнездо. Преместувањата на гнезда во неволја идеално се спроведува надвор од гнездечка сезона, но овојпат моравме да делуваме брзо и разумно.
Додека ние комунициравме со сопственикот на фабриката, кој самостојно одлучи да го отстрани гнездото од оџакот и таму да постави заштитна конструкција, во Берово ситуацијата со птицата ја следеше средношколката Драгана Чучурска. Драгана е веќе докажан активист на ПРО АНИМА и иден ветеринар, кој учествуваше во акцијата на спасување и ослободување на залутаните белоглави мршојадци во Берово во октомври 2019 година. Таа и нејзините колеги беа вистински чувари на штркот и неговото гнездо, секојдневно следејќи ги движењата на штркот и напредокот со неговото гнездо. На тој начин се информиравме дека штркот постојано ја надлетува старата локација на гнездото и дека има неколку обиди да направи гнездо на најблискиот далекувод.
Занимливост: Белите штркови бараат вертикални структури кои може да поддржат гнездо кое има дијаметар од 0,8–1,5 метри и кои им овозможуваат сигурен лет во и од гнездото. Гнездата на штрковите се користат со децении, најчесто од штркови од истото семејство. Според искуството на МЕД, прв во гнездото се враќа еден од партнерите и ја започнува изградбата.
Додека ние ги разгледувавме опциите за поставување на гнездечката платформа на најблискиот далекувод и ги вклучивме ЕВН Македонија за можна соработка, се прогласи вонредна состојба заради пандемијата со ковид-19, што дополнително ја отежни целата ситуација.
Занимливост: ЕВН Македонија имаат голема улога во зачувувањето на белиот штрк во Македонија. Истражувањата на МЕД покажуваат дека во последниве години сѐ повеќе гнезда на штркови се наоѓаат на електрични столбови. Над 60% од сите гнезда на штркови во Македонија се наоѓаат на некаква електрична инсталација. Затоа ЕВН поставуваат гнездечки платформи за штрк на територија на цела држава, за да се заштитат штрковите и да се обезбеди сигурен и непречен доток на електрична енергија до домаќинствата. Поставувањето на гнездечки платформи нуди сигурна опција за изградба на гнезда за белиот штрк, но не е гаранција дека тие веднаш ќе ги населат. И покрај тоа, овој пристап на зачувување на белиот штрк се користи низ целиот свет.
На 20 март долета и вториот штрк! Ова значеше дека гнездечката платформа мора итно да се постави бидејќи временскиот период од спојувањето на парот до положувањето на јајцата е многу кус.
Веќе на 25 март, добрата комуникација помеѓу регионалните канцеларии на ЕВН Пехчево (кои понудија вработени) и ЕВН Кочани (кои донираа платформа за гнедење на штркови која ја имаа на располагање, изработена според стандарден дизајн на ЕВН Македонија) дава прекрасни резултати на соработка! Драгана и нејзините колеги од здружението, пожарникарната служба (анагажирани од кабинетот на градоначалникот), локалните мајстори, и вработените во ЕВН Пехчево и Кочани – и покрај сите предизвици и рестрикции за време на пандемијата ја поставија платформата за гнездење на далекуводот на ЕВН, кој е најблиску до старото гнездо на оџакот на фабриката.
Во меѓувреме штрковите го доградија гнездото на оџакот и покрај поставената заштитна структура! Инстинктот за гнездење ги натера да најдат начин одново да го изградат гнездото на старото место. И со секој изминат ден, гнездото сè поголемо! Изборот на единствениот пар на штркови во Берово да продолжат да го градат гнездото на старата локација, е очекуван резултат на инстиктот познат како “верност кон воспоставена гнездечка територија” (nest site fidelity на анг.). Но тоа не ги обесхрабри учесниците во оваа акција! Напротив, исходот ни покажа на сите дека можеме да ја подобриме состојбата на штрковите преку нудење алтернативни решенија, но не можеме да влијаеме на инстинктите.
Активизмот на претставниците од локалните институции, ЕВН Македонија и подрачните единици во Кочани и Пехчево, и особено граѓанските организации во Берово е за восхит. Успехот за поставувањето на алтернатива за гнездење за единстевниот пар бели штркови во градот е целосно нивна заслуга. Тие се вистинските чувари на единственото штрково гнездо во Берово. Останува да се надеваме на среќен крај на гнездечката авантура на последниот пар на штркови во Берово!