Отворена изложбата фотографии од балканскиот рис во Тетово

Патувачката изложба посветена на балканскиот рис пристигна во Националниот парк „Шар Планина“, каде што е поставена во просториите на паркот во срцето на Тетово.

Преку 21 фотографија – најголемиот дел снимени со методот на фото-замки, изложбата ја прикажува долгогодишната работа на тимот кој речиси две децении се залага за заштита и закрепнување на ова исклучително ретко и величенствено животно. Посетителите имаат можност одблиску да ја запознаат убавината и таинственоста на рисот, неговата улога во екосистемите на Балканот и напорите што се вложуваат за негов опстанок.

Ова е шеста локација на која патува изложбата, по нејзините поставки во Галичник, Маврово, Пелистер, Охрид и Ресен. Со секоја нова дестинација, изложбата продолжува да ја шири пораката за значењето на зачувувањето на рисот како симбол на недопрената природа на Балканот. После две недели, изложбата ќе го продолжи својот пат на нова локација – следете нѐ за навремена најава и нови информации!

Патувачката изложба ја организира Македонското еколошко друштво во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ (Balkan Lynx Recovery Programme). Изложбата во Тетово се реализира во соработка со Националниот парк „Шар Планина“.

Scroll to Top