Отворена изложба за балканскиот рис во Охрид

Денес во Културниот центар „Култ“ во Охрид беше отворена патувачката изложба на фотографии посветена на балканскиот рис – редок и критично загрозен подвид кој живее единствено во регионот на Западен Балкан.

Со помалку од 50 возрасни единки во природата, балканскиот рис е под закана од загуба на живеалишта, криволов и ниска генетска разновидност, иако претставува незаменлив дел од природното наследство на регионот.

Оваа изложба сведочи за неговото значење, истакнувајќи ја итноста да му се овозможи опстанок. Повеќето од изложените слики се направени со помош на фотозамки, како најкористен метод за теренско истражување на притаени диви животни.

Патувачката изложба ја организира Македонското еколошко друштво во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“. Изложбата во Охрид се реализира во соработка со Културниот центар „Култ“ и Националниот парк „Галичица“.

Поставката ќе биде достапна за разгледување до 21 октомври, по што ќе го продолжи своето патување во друг град.

Scroll to Top