Потенцијалите за заштита и развој на Осогово, но и проблемите за успешно спроведување на номинациониот процес во осоговскиот регион, беа презентирани на субрегионалниот работен состанок за прекугранична соработка организиран од УНЕСКО, во Поградец, Албанија, во декември, 2013 година.

На средбата учествуваа заменик министрите за животна средина од Албанија и Македонија, претставници од МАБ комитетите и дел од клучните страни, особено од охридско – преспанскиот регион. Поканета беше и грчката страна, која немаше претставници на состанокот.

Покрај Осогово, на состанокот беа презентирани и иницијативата за Прекуграничен Биосферен резерват на Скадарско Езеро, како и иницијативата Прекугранизен Биосферен резерват „Охрид – Преспа“, за која веќе е поднесена номинационата документација до УНЕСКО. Беше дискутирано понатамошното координирање на процесот за номинирање на ТБР „Охрид – Преспа“, за што двајцата заменици беа едногласни во намерата да го буткаат овој процес на високо владино ниво, кон успешно реализрање. Потенцирана беше и потребата од подобро промовирање на концептот и функцијата на биосферен резерват пред владините структури на двете земји, на што претставникот од УНЕСКО – Филип Пиперт, посочи дека веќе изработените материјали од УНЕСКО може да се преведат на матичните јазици и да послужат за таа намена.

Сите учесници беа согласни дека осоговскиот процес има многу добра основа за подготовка на номинациона форма и дека Осогово може да биде успешна приказна, но дека политичката поддршка е неопходна во ваквите процеси и затоа треба да се работи на обезбедување на истата. Во таа насока, претставниците од МАБ комитетите на Бугарија и Македонија се согласија да се оранизира прекуграничен состанок помеѓу членовите на двата МАБ комитети во првата половина од 2014 година. Состанокот треба да послужи за конструктивна дискусија помеѓу стручните лица и членовите на МАБ комитетите и високите претставници од Министерствата за животна средина на двете земји, за разгледување на можностите за поддршка на осоговскиот процес и негово успешно спроведување.

Start typing and press Enter to search