Објавен нов Прирачник за криминалистички истраги и инспекциски надзор при случаи на труење диви животни

Борбата против труењето на дивите животни претставува борба за заштита на севкупниот екосистем и обезбедување поздрава и побезбедна животна средина за сите живи организми – вклучително и за човекот.

Поаѓајќи од своите основни определби за заштита на дивиот свет, зачувување на екосистемите и обезбедувањето одржлива иднина, Македонското еколошко друштво го објави „Прирачникот за криминалистички истраги и инспекциски надзор при случаи на труење диви животни“, подготвен на македонски и албански јазик. Нашата организација повеќе години работи на оваа проблематика во тесна соработка со јавни обвинители, професори, полициски службеници, официјални ветеринари, инспектори за животна средина и инспектори за лов.

Изработката на прирачникот произлегува во најголем дел од активностите за заштита на загрозената популација на мршојадци во државата. Се работи за вид што има незаменлива улога како „чистачи на природата“, така што го спречува ширењето на болести и  придонесува кон одржувањето на деликатната рамнотежа во екосистемите. Сепак, и покрај тоа, токму овие птици денес се меѓу најзагрозените видови во регионот, соочувајќи се со нивната најголема закана – поставувањето отровни мамки од несовесни граѓани.

Целта на прирачникот е да ја олесни и унапреди работата на надлежните државни институции вклучени во решавањето на случаи на труење диви животни во Република Северна Македонија, преку давање насоки за поефикасно и координирано постапување.

Прирачникот беше изготвен во рамките на регионалниот проект “BalkanDetox LIFE” (LIFE19 GIE/NL/001016), финансиран од програмата “LIFE” на Европската унија и беше инспириран од Академијата за криминал врз дивиот свет. Главен координатор на проектот е Фондацијата за заштита на мршојадците (VCF), додека Македонското еколошко друштво ја има улогата на национален координатор.

Прирачникот е достапен за бесплатно разгледување и симнување на следните интернет-врски: македонска верзија и албанска верзија.

Scroll to Top