На 22-ри октомври 2010 година, членовите на Македонското еколошко друштво задолжени за програмата за заштита на балканскиот рис успеaja по втор пат да го фатат рисот Марко. Целта беше да се замени постоечкиот GPS/GSM уред, кој Марко го носи повеќе од 7 месеци, како и да се земат нови телесни параметри (тежина, должина и др.).
Активностите се спроведуваат во рамките на програмата SCOPES (Научна соработка помеѓу Источна Европа и Швајцарија) и проектот “Статус, екологија и окупираност на територијата на критично загрозениот балкански рис во Македонија и Албанија”.
Во прилог може да ја видите целосната мапа на движење на Марко, од неговото прво фаќање на 14.03.2010 до 27.10.2010, како и слики од неговото повторно фаќање.
Методот на работа се состоеше од поставување на замки на свеж плен од Марко. Прв чекор беше пронаоѓањето на жртвата. Предизвикот беше голем бидејќи GPS сигналот во последните неколку дена беше недостапен заради ослабената батерија на уредот. Марко требаше да се пронајде со помош на VHF антенски сигнал, а никој не знаеше каде се наоѓа рисот во последните 10 дена. Марко беше детектиран уште од првиот обид, во близина на жртвата – возрасен див јарец, која ја имаше уловено истиот ден. Марко беше фатен на четвртиот ден во приквечерните часови, по само 1,5 час откако беше поставена замката. Следејќи го протоколот подготвен од нашите швајцарски партнери од организацијата КОРА, Марко најпрвин беше успан со цел да се обезбеди простор за негова манипулација. GPS уредот му беше заменет со нов, беа земени телесни параметри и беше прегледана надворешната здравствена состојба на крзното, ноктите и усната празнина. Визуелно, рисот изгледа здраво и за период од 7 месеци ја има зголемено телесна тежина за 4 до 5 килограми што претставува +25%.
Територијата која ја опфаќа рисот Марко изнесува 331 km2 и претставува скоро половина од територијата на НП Маврово. Овој факт укажува на потребата од голема индивидуална територија за нормален живот и развој на овој предатор.
Фактот што рисот не е присутен на поголемиот дел од територијата на државата укажува на неговата недоволна заштита, деградираните станишта и недостатокот на плен. Иако, Националната стратегија за заштита на биолошката разновидност укажува на потребата на заштита на одредени видови дивеч, имплементацијата на постоечките закони треба да е на многу повисоко ниво од сегашното!