Од 13 до 16 јули 2026 година организиравме студиска посета во Источни Родопи, Бугарија, како дел од проектот „Студиска посета во Центарот за реинтродукција на мршојадци во Источни Родопи“. Покрај наши вработени, посетата вклучи и претставници на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Агенцијата за храна и ветеринарство, Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје и Општина Демир Капија.

Заедно ги посетивме Центарот за реинтродукција на мршојадци во Маџарово и два волиери за аклиматизација на мршојадци во Маџарово и Студен Кладенец – првиот за црни мршојадци, а вториот исклучиво за египетски мршојадци. Таму од прва рака слушнавме што сè опфаќа процесот на обновување на популацијата на црниот мршојадец во Родопскиот Регион. Бугарскиот проектен тим, кој беше домаќин на посетата, го сподели своето искуство во воспоставувањето и управувањето со кафезите за аклиматизација и хранилиштата.

Во фокусот на посетата беа и некои од клучните предизвици и пристапи во заштитата на мршојадците. Се запознавме со неопходните услови и најдобрите практики за воспоставување хранилишта, како и со законските барања поврзани со употребата на животински нуспроизводи за дополнителна исхрана. Споделените искуства ја истакнаа важноста на соработката со јавните власти и на институционалната координација во заштитарските активности.
Особено внимание беше посветено на соработката со локалните чинители. Дискутиравме кои се успешните начини за ангажирање на локалните заедници, градење меѓународни партнерства и промовирање на соживотот со мршојадците. Разговаравме и за важноста на соработката со ловните здруженија во обновувањето на популациите на диви тревопасни животни и промовирањето на употребата на безоловна муниција.

Студиската посета, исто така, се осврна на пошироките социјални и економски димензии на зачувувањето на природата. Преку презентација и дискусија за водењето бизнис базиран на природата во Родопите, ги истраживме можностите за создавање одржливи економски активности коишто би можеле да ги поддржат и локалните заедници и заложбите за зачувување на биолошката разновидност.
Последниот ден го посетивме Центарот за спасување на диви животни „Зелени Балкани“ во Стара Загора, каде што повредените и загрозените диви животни добиваат специјализирана грижа и рехабилитација. Така дознавме повеќе за улогата на центрите за спасување на диви животни во зачувувањето на загрозените видови и за важноста на специјализираната грижа за дивите животни.

Знаењето, практичното искуство и добрите практики споделени за време на студиската посета за нас се исклучително важни, со оглед на тоа дека спроведуваме проекти за зачувување на природата и за обновување на популацијата на белоглавиот мршојадец. Посетата, исто така, ја потврди важноста на прекуграничната соработка и размена на знаење, како и на соработката со институциите, локалните заедници и другите засегнати страни со цел постигнување трајни резултати за зачувување на природата.
Студиската посета ја организиравме како дел од активноста „Студиски посети и размена на знаења за градење на институционални капацитети во заштитата и реинтродукцијата на мршојадците“, со финансиска поддршка за трети страни обезбедена од Фондацијата Rewilding Rhodopes преку проектот бр. 101148254 — LIFE23-NAT-BG-LIFE Rhodope Vulture, кофинансиран преку програмата „Лајф“ на Европската Унија.
