Претставници на Македонското еколошко друштво, заедно со колеги од Министерството за животна средина и просторно планирање, Националните паркови „Галичица“, „Пелистер“, „Шар Планина“ и ЈПУЗПП „Јасен“, ја формираа македонската делегација на студиска посета во Каталонија, Шпанија, посветена на борбата против криминалот врз дивиот свет и заштитата на биолошката разновидност.

Настанот се одржа во Барселона на 30 септември и 1 октомври 2025 година, во организација на SEO Birdlife, Руралните агенти на Каталонија и Регионалната влада на Каталонија, во рамки на проектот „Безбедни патишта за преселба на птиците: Стоп на нелегалното убивање птици во Медитеранот“.
Во текот на првиот, семинарски, ден, учесниците се запознаа со системот на соработка меѓу регионалните власти, руралните агенти и невладиниот сектор во Каталонија за справување со еколошки криминал. Вториот ден следуваше организирана теренска посета на центарот за спасување и рехабилитација на диви животни „Тореферуса“, каде што учесниците имаа можност да проследат симулиран случај на труење на диви животни и да се запознаат со постапките за интервенција на терен. На завршната сесија, претставниците на институциите и организациите од повеќе земји ги споделија своите искуства и предизвици во заштитата на дивиот свет, како и можностите за понатамошна соработка во рамки на меѓународни иницијативи.

„Искуства како ова, како и комуникацијата со другите членки во семејството на BirdLife, ни овозможуваат споделување на знаења и добри практики, учење едни од други и примена на стекнатото во нашата работа. Тоа, на долг рок, ќе придонесе за унапредување на заштитата на природата во нашите соодветни држави“ – истакнува нашиот Андреј Гонев од МЕД.
„Во овој период воспоставивме блиска соработка со шпанските институции надлежни за заштита на природата, и веќе разгледуваме можности за соработка на заеднички LIFE проекти. За нас е од особено значење да го унапредиме управувањето со живеалиштата и загрозените видови во согласност со европските директиви, како и да размениме нови модели на менаџирање и соработка со шпанските експерти“ – посочува Сашко Јорданов, претставник на МЖСПП.

„За жал, во Македонија сè уште немаме центар за рехабилитација на диви животни како оној што го посетивме во Каталонија. Стекнатото искуство ќе го споделиме со нашите институции и надлежни органи, со надеж дека ќе се создадат предуслови за развој на сличен капацитет кај нас“ – додава Ѓуро Јовчески од НП „Галичица“.
Стекнатите знаења и искуства ќе бидат особено корисни во реализацијата на активностите од неколку проекти во кои учествува Македонското еколошко друштво, вклучувајќи ги: „Програма за закрепнување на балканскиот рис 2.0“, „Балкан Детокс LIFE“ и „Градење граѓански капацитети во Јужен и Источен Медитеран и на Балканот за одржливо управување со влажни живеалишта и следење на нелегални активности за птици“.