Потребно време: 30 минути
Материјали: Семиња (кикирики или семки од сончоглед),креда, хамер, фломастери
Упатства: Едно дете ги расфрла семињата на подот кој е поделен на квадранти, а останатите ги бројат семињата што ќе никнат.
Цел: Децата да разберат дека само неколку семиња ќе никнат во нови растенија
Вовед: Сите растенија произведуваат семиња, мали или големи, неколку или многу на број. За растението е голем успех кога семињата ќе се распространат и ќе никнат во нови растенија. Но не сите семиња ќе пораснат во нови растенија. Некои семиња нема да никнат како резултат на неповолната средина (камења, недостаток на вода, густа вегетација), но повеќето нема да успеат поради тоа што ќе бидат изедени од различни животни. Птиците со своите клунови ги отвораат семињата и го јадат хранливиот внатрешен дел. Глувчињата складираат илјадници семиња со цел да ја преживеат долгата зима. Безброј мравки и други инсекти се во можност да живеат благодарение на огромен број на семиња што паѓаат на земја. Некои семиња се покриваат со дебел слој на паднати лисја и почва и никнуваат само по пожар. Без овие семиња опожарената шума не би се обновила повторно.
Инструкции:
Подготовка: нацртајте мрежа на земја со креда или на хамер на подот (големи квадрати, на пр. 1 x 1m и поделете ги на помали блокови). Квадратите се делат на места кај што може да никне семе (почва, саксија, ливада), и места кај што не може (улица, цемент). Користете вистински семиња, кикирики или семки од сончоглед.
Активност: децата се редат околу мрежата и детето што ја игра улогата на растение ги фрла семињата. После тоа се бројат семињата што паднале на плодна почва.
За дискусија:
- Дали е подобро растението да произведува поголем број на семиња? Зошто?
- Семињата што нема да изртат се изгубени или ќе бидат искористени од некого?