- Биологија и екологија на рисот
Рисот ѝ припаѓа на класата цицачи, исто како кравата, кучето, мечката, волкот и др. Цицачите се животни што ги дојат своите млади. Рисот е дел од големата фамилија на мачки, заедно со лавот, тигарот, леопардот, дивата мачка итн.
Има кусо тело, кое достигнува до 130 см, долги нозе и широки шепи. На муцката има долги мустаќи, кои му служат подобро да ги насетува промените во средината. Ушите му се долги со темни перчиња на врвот, и се смета дека тие му овозможуваат подобар слух. Има силни вилици со долги и остри кучешки заби – песјаци.
Има свиленкасто крзно во жолтеникаво-кафеава боја, често ишарано со црни точки. Некои единки немаат вакви типични шари, кај нив точките може да се ситни, а понекогаш може и воопшто да ги нема. Благодарение на ваквото крзно тој одлично се камуфлира, односно се прикрива во средината каде што живее и така тешко се забележува. Има типичен кус опаш, кој е црн на врвот, и со тоа лесно се разликува од другите мачки. Тежи од 15 до 29 кг. Најтешкиот рис што сме го измериле кај нас е рисот Бистри од Маврово, кој тежи 26 кг.
Рисот е едно од најтаинствените животни. Тој е ноќно животно, активно претежно во самракот, па сѐ до мугри. Дење обично одмара на височинки и чистини со простран поглед, од каде сака да ја набљудува околината. Си наоѓа дувла во густежот на шумите, и тоа во пукнатини од карпи и стари пенушки. Со своите доброразвиени сетила за вид, слух и мирис, спретното движење и беспрекорната камуфлажа тој е одличен ловец кој демне од заседа. Својот плен може да го забележи и на растојание од 75 м.
Во прилог на ова куса лекција ви нудиме по една работна задача на темата по одделение. Нема оценки, нема домашна, оставаме на вас! Закажуваме нова средба следната недела, кога ќе зборуваме за живеалиштето на рисот. Поздрав!