Македонското еколошко друштво во соработка со Фондацијата за заштита на мршојадците (VCF) на 17 мај во Скопје организира меѓународна работилница за отпочнување на изработка на акциски план за борба против труење на диви животни.
Целта на состанокот е изработка на национална шема за справување со инциденти поврзани со труење на диви животни во согласност со националната легислатива, и вклучување на надлежните институции. За време на состанокот се направи размена на искуства со експерти од Шпанија. Се дискутираше и за приоритетите и недостатоците. Останатиот дел од состанокот беше посветен на дефинирање на препораките за понатамошната изработка на акциски план за борба против труење на диви животни.
Креирањето на акциски план за борба против труење е компонента на Балканскиот проект за борба против отрови (BAPP) кој се спроведува низ Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Грција. Македонското еколошко друштво во овој проект се јавува во својство на партнер организација од Македонија.
На работилницата учествуваа соодветни експерти од Државниот инспекторат за животна средина, професори од Факултетот за земјоделство, Факултетот за безбедност, МВР, крим техника, Ветеринарен факултет, претставници од агенцијата за храна и ветеринарство, Ветеринарен центар, како и меѓународни експерти од Бугарија, Србија и Шпанија.