Граѓанската наука – неопходна за заштитата и зачувувањето на птиците низ Европа 

Граѓанската наука претставува активно вклучување на волонтери во собирањето на научни податоци и во подобрување на знаењето за која било тема поврзана со животната средина или за кој било растителен или животински вид. Како таква, таа игра фундаментална улога и во заштитата и зачувувањето на птиците низ цела Европа и е централна за проектот „Зајакнување на Европскиот портал за птици“ (101104367 – LIFE22-PLP-ES-EBP reinforcement), којшто Македонското еколошко друштво (МЕД) го спроведува со финансиска поддршка од Програмата LIFE на Европската Унија.

Бидејќи птиците се широко распространети, мобилни и сезонски динамични видови, собирањето значајни податоци на европско ниво би било невозможно без илјадници обучени волонтери и ентузијасти кои придонесуваат со набљудувања преку национални онлајн портали и координирани шеми за мониторинг, кои понатаму се интегрираат во Европскиот портал за птици (EuroBirdPortal). Најуспешен пример на оваа инцијатива е Вториот Европски атлас за птици гнездилки (EBBA2) кој собра над 18 милиони записи и ја мапираше дистрибуцијата на повеќе од 550 видови во Европа благодарение на учеството на над 120 илјади волонтери кои ги користеа достапните онлајн апликации и портали за птици.

Дополнително, националните атласи за птици гнездилки во земји како што се Велика Британија, Германија, Шпанија и Унгарија беа речиси целосно изготвени преку волонтери-набљудувачи кои покрија десетици илјади квадрати од различни живеалишта, колективно регистрираа стотици видови во еден ден во рамките на една земја или потврдија присуство на ретки гнездилки. На пример, бувови во самрак или таинствени мочуришни птици во зори се најчесто откриени или слушнати од посветени локални набљудувачи на птици. Овие податоци генерирани од граѓани/волонтери веќе открија големи европски трендови, вклучувајќи ја тенденцијата на поместување на гнездечките територии на птиците кон север поради климатските промени и на намалување на бројот на птици врзани со земјоделско земјиште, што е основа на Индексот на птици на земјоделско земјиште на ЕУ.

Сакајќи да ги унапредиме граѓанската наука и стандардизирано собирање на податоци за птици од терен, во МЕД ги креиравме првиот национален портал и мобилна апликација за собирање податоци за птици наречен ptici.mk. Порталот и апликацијата се првенствено наменети за волонтери кои веќе имаат искуство во препознавање на птици на терен, но тимот на истражувачи на птици од МЕД ја препозна потребата за обуки за нови волонтери кои имаат интерес за набљудување и истражување птици. Преку серија обуки, вклучително и за почетниците на терен, за препознавање птици и за користење на апликацијата ptici.mk, во периодот од ноември 2025 до февруари 2026 година успешно обучуваме околу 20 нови волонтери и ентузијасти за птици.

Иако првенствено сме фокусирани на максимизирање на бројот на учесници на овие обуки, тие истовремено служат и за промоција на поднесувањето на комплетни листи. Комплетна листа е листа што ги содржи сите забележани единки од сите различни видови птици на избраната локација за набљудување. Така, во овој период беа пополнети повеќе од 10 комплетни листи од 5 различни локации (Преспанско и Дојранско Езеро, Овче Поле, Велешко Езеро, скопскиот Градски Парк), со над 70 различни забележани видови. Покрај честите видови птици, учесниците на обуките имаа можност да евидентираат некои поинтересни видови птици како што се чапјата лажичарка, царскиот орел, патката крецка, касписката рибарка и долгоопашестата патка (која, инаку, многу ретко презимува кај нас). Стекнувањето на навика  за користење на апликацијата и за создавање комплетни листи е првиот чекор кон создавање на критична маса волонтери-истражувачи на птици, со што постепено се зајакнува културата на стандардизирано следење на птиците во земјата.

Преку проектот „Зајакнување на Европскиот портал за птици“ (101104367 – LIFE22-PLP-ES-EBP reinforcement) работиме на зајакнување на учеството и на структурираното поднесување податоци – особено во Југоисточна Европа – бидејќи доволно искуства потврдуваат дека граѓанската наука не само што ги поттикнува научните откритија, туку и обезбедува конкретни докази релевантни за политиките за спроведување на Директивата за птици и Стратегијата на ЕУ за биодиверзитет до 2030 година. Покрај тоа, проектот се фокусира и на обезбедување целосна функционалност и поврзаност на националните онлајн портали со Европскиот портал за птици (EuroBirdPortal) и на зголемување на количината и квалитетот на собраните податоци преку воспоставување на најмалку 70 Меѓународни цензус плотови за птици (International Census Plots).

Scroll to Top