Македонско еколошко друштво во рамки на проектот „Природата овозможува подобар живот“ што го спроведува во соработка со пет еколошки невладини организации од Европа, а е финансиран од програмата Еразмус+ на Европската Унија на 24 септември во Општина Теарце и 26 септември во Општина Ресен ќе одржи две еднодневни работилници наменети за воспитувачи и наставници од прво до петто одделение со цел нивно запознавање со едукативниот пакет за природа и птици којшто наставниците ќе можат да го користат во своите едукативни програми како и мобилната апликација Миграција на птици.
Проектот ги охрабрува едукаторите кои работат со деца од најрана возраст во рурални или помали градски средини да поминуваат повеќе време во природата и да ја изучуваат одблиску. Тимот од шест еколошки организации од Полска, Словачка, Чешка, Шпанија, Ирска и Македонија со поддршка на Универзитетот од Гдањск изработи мобилна апликација, како и иновативни образовни материјали на шест јазици и план за истражувања во природа како дополнување на редовната настава во основни училишта и градинки.
На работилниците ќе учествуваат наставници и воспитувачи од повеќе од 10 општини од Република Македонија од северозападниот, пелагонискиот и полошкиот регион.
Едукативните материјалите за воспитувачите и наставниците се достапни на македонски јазик тука а методологијата за користење на едукативниот пакет е достапна на Јутјуб-каналот на Друштвото со видеа на англиски јазик за секое поглавје од едукативниот пакет.
*Едукативниот пакет за птиците и природата подготвен во рамки на проектот „Природата овозможува подобар живот“ може бесплатно и без дозвола од МЕД да се користи за едукативни цели.