Оваа програма обезбедува поддршка за речиси сите проектни активности и програми на МЕД. Програмата го унапредува начинот на којшто ги собираме, управуваме и користиме податоците. Експертскиот тим за ГИС работи на иновативни решенија за нашите истражувања, а по потреба обезбедува и обуки за вработените, волонтерите и локалните конзервациски групи. Потребата за формирање посебна програма за ГИС аналитика и креирање и управување со бази на податоци произлезе од сè поголемиот обем на проектни активности поврзани со изработка на различни картографски прилози, како и спроведување на просторни и статистички анализи. Крајната цел на оваа програма е информирано носење на одлуки во рамки на друштвото преку систематизирано и визуелно претставување на податоците и резултатите од истражувањата во коишто е вклучена нашата организација. Програмата ГИС аналитика и управување со бази на податоци постојано ја надградуваме следејќи ги глобалните трендови и развојот на методологии. Нашата работа бара постојано ажурирање на релевантните податоци на локално, регионално и глобално ниво.