Во неделата (15 декември 2019 година) нашите соработници од Фондот за дива флора и фауна (ФДФФ) од Бугарија пронајдоа усмртен царски орел од струен удар, на потегот на селата Иванковци – Мамутчево близу Велес.
Царскиот орел бил опремен со GPS локатор од страна на колегите од ФДФФ (http://www.fwff.org/) во јули годинава, кога птицата влетала во кафезот за размножување на црни мршојадци во Паркот на природа Врачански Балкан во Бугарија.
Според податоците од трансмитерот орелот изминативе месеци се движел најчесто околку депониите околу Велес и Богословец (честа дестинација на царски орли и други птици станарки за наоѓање на храна во есенско-зимскиот период), но во викендот пред инцидентот сигналот од трансмитерот доаѓал од иста локација. При проверката на терен, го пронашле орелот усмртен од струен удар (електрокуција) со видливи изгреници на едно од стапалата и едно крило. Трупот бил пронајден покрај среднонапонската далаекуводна линија долж регионалниот пат меѓу селата Иванковци и Мамутчево.
МЕД и соработниците од ФДФФ веднаш стапија во комуникација со ЕВН Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) каде ги информираа за случајот и дискутираа можности за спречување на вакви инциденти во иднина.
Во рамки на проектот “Јадрански прелетни патишта за птици – фаза 4: Македонија“ (каде ЕВН Македонија и МЖСПП се партнери во проектот) МЕД спроведува редовен мониторинг на случаи на електрокуција (смрт од струен удар) и колизија (смрт од судир со енергетска структура) во поширокиот регион на Овче Поле и општината Чешиново-Облешево, и до 2022 година ќе постави изолација на далекуводи кои се идентификувани дека се опасни за птици.
Сличен ваков случај на електрокуција беше регистриран минатата година, повторно во декември каде покрај далекуводната линија во близина на локалитетот Богословец беа пронајдени четири царски орли и еден обичен глувчар усмртени од струен удар. На реакција на МЕД и соработниците од НВО Аквила од Кавадарци, ЕВН Македонија постави изолатори на далекуводната линија под која птиците беа пронајдени.
©HristoPeshev/FWFF