Ова топло лето во месец јули, Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ) ја организираше 29-тата традиционална истражувачка акција во соработка со нашето друштво и НП Маврово. Акцијата се одржа во НП Маврово во периодот од 10 -25.07.2023 година, со цел да се придонесе кон Студијата за ревалоризација на националниот парк преку собирање на што  повеќе информации за биолошката разновидност на просторот на паркот. Околу 40 студенти неуморно и вредно земаа учество во истражувањата на биодиверзитетот во околината на планините Кораб и Дешат. Заедно со менторите/професорите од Институтот по биологија од Скопје, Институтот по биологија од Белград, Бугарската академија на науки, СД Урсус Спелеос и нашето друштво, тимски истражуваа и ги надградија знаењата и познавањата за локалниот биодиверзитетот.

За време на теренските истражувања студентите беа вклучени во следните активни секции и тоа: цицачи (мамолошка секција), алги (алголошка), водоземци и влекачи (херпетолошка), птици (орнитолошка), пеперутки (лепидоптера), тврдокрилни инсекти (колеоптера), растенија (флористичка) и габи (миколошка). За време на акцијата беа посетени различни типови на живеалишта: дабови, букови, смрчови и други типови на мешани шуми, високопланински пасишта и езера, тресетишта, пештери и  карпести предели кон високите врвови на Дешат и Кораб. За дел од наодите во тек се лабораториски анализи и обработка на собраниот материјал. Резултатите од истражувањата ќе бидат вклопени во Студијата за ревалоризација на НП Маврово и ќе бидат публикувани во Билтенот на ИДСБ.

Благодарност до Планинарски дом Говедарница – Жировница, кој беше домаќин за време на акцијата  и НП Маврово кои обезбедија логистичка поддршка и непречен престој на територијата на паркот.

МЕД финансиски ја поддржа реализацијата на истражувачката акција.

Уживајте во фотографиите од двонеделната авантура во галеријата во продолжение.

 

 

Start typing and press Enter to search