Оваа година се затвора циклус од четири години, во кој ги истражувавме и анализиравме дел од еколошките карактеристики и особености на влажните ливади во Преспа. Паралелно со истражувачкиот процес, организирано работевме и на подигање на свеста кај локалното население и пошироко, за значајноста од зачувување на овие природни живеалишта. Во работата со влажните ливади во изминатите четири години беа вклучени околу 50тина експерти, соработници, практиканти и волонтери од земјата и странство, како и претставници на Општина Ресен, ренџерската служба од ПП „Езерани“, претставници на НП „Галичица“ и локални жители. Резултатите, сознанијата и заложбите на нашата работа со ливадите во Преспа ги споделивме на разни научни настани и дебати, конгреси и семинари, работилници, состаноци со локалната самоуправа, јавни установи и заштитени подрачја, средби со локални организации и засегнати страни, сточари, сопственици на ливади и други. Дел од резултатите од спроведените истражувања во рамки на оваа компонента се искористени за изработка на два дипломски труда и еден магистерски труд. Работејќи во изминатиот период се соочивме со многу предизвици, импровизации и реализации, при извршувањето на нашите активности.

Од минатата година освен со општина Ресен и локалните сточари, воспоставена беше соработка и со Национален Парк „Галичица“, кои изразија интерес за сеното кое го добиваме како производ од косењето на ливадите, за потребите на репроцентарот за елени кој го одржуваат во границите на Паркот.

 

Во продолжение ги издвојуваме најзначајните моменти од овој изминат период по денови.

Ден 1

Организирани беа теренски активности со проф. Сречко Ѓоргиевски од Институтот за анимална биотехнологија, катедра за исхрана и технологија на добиточна храна при ФЗНХ, за собирање на материјал за анализа на нутритивните вредности на сеното, односно на биомасата од влажните ливади кои се простираат по Преспанското крајбрежје. Во подготвителните активности беше утврдено дека нај релевантни резултати би се добиле доколку се обработи нај широкиот и нај долгиот појас претставен со влажни ливади околу Преспа, дистрибуиран од атарот на селото Езерани до Сирхан. Во рамки на овој трансект се земени 28 проби за лабораториски анализи на нутритивните/хранливите вредности на тревата до ливадите.

 

Ден 2

Присуствувавме на работилница организирана од страна на невладината организација ПРЕСПА ГРАД од Љубојно, како дел од годинешната манифестација MEET-Prespa, каде се потенцираа перспективите на Преспа како туристичка дестинација. На овој настан се собраа поголем број на институции и организации од трите држави околу Преспанското Езеро. На настанот освен невладини организации од регионот учество земаа претставници на општините (градоначалниците) околу Преспа од трите држави.

Развиена беше сеопфатна расправа за развој на туристичките капацитети во Преспанскиот регион, на која ние како претставници на МЕД ги нагласивме нашите заложби дека туризмот во Преспа треба да се развива исклучиво во духот на почитување на препораките за заштита на природните вредности во регионот, со почитување на принципот за развој на одржлив туризам.

По официјалниот дел на настанот, претставниците на МЕД одржаа состанок со локалните организации Spirit of Prespa од Царев Двор и Еко Герила од Ресен, на кој сите организации ги презентираа нивните долгорочни планови за делување во регионот на Преспа. Беа разменети искуства, и разговаравме за можни идни соработки.

Ден 3

Во текот на третиот ден од активностите во Преспа, во селото Љубојно присуствувавме на уште еден настан организиран во рамки на манифестацијата MEET-Prespa, кој главно се однесуваше на промоција на традиционална храна и други производи од Регионот, на кој земаа учество производители на храна и други производи од регионот на Преспа.

Во рамки на овој настан беше организирана трибина на која беа презентирани условите за апликација на грантот од Европската Унија наменет за подобрување на состојбата со животната средина, туризмот и инфраструктурата во Преспанскиот регион, главно наменет за општина Ресен и организации кои работат во регионот. На настанот земаа учество 30-тина посетители – локални жители, организации од трите држави, странски делегации и др.

Ден 4

Поради одложени активности заради врнежливото време, беше организирана посета на мониторинг станицата во Стење, каде беше остварена средба со претставници на општина Ресен (хемичарот Ружица, биотехнологот Марија и ренџерите Златко и Горан), на која средба беа разгледани условите во кои работат вработените, и ни беше кратко презентирана моменталната состојба за квалитативните и квантитативните параметри, од годинешните мостри земени од мерните точки во Езерото. Во текот на овој ден отпочнавме и активности за организација на завршниот настан со сопствениците на Spirit of Prespa закажан за 03.07.2023 година.

Ден 5

Во текот на денот беше направена теренска посета на ливадите заедно со ренџерите на ПП Езерани за да се процени влагата во ливадите и да се направи проценка за отпочнување на косењето. Заедно со ренџерите ја посетивме новата локација која ја предвидовме за косење во годинешниот план, па утврдивме дека би било неопходно да се искоси една парцела со зараснати ливади преку врбовиот појас кон појасот со трска и Езерото.

Ден 6

Во текот на денот се отпочнати активностите за косење на ливадите во атарот на селото Долно Перово, во месноста Вича, каде е предвиден откос на површина околу 3-4 хектари. Годинава има значително поголем прираст и биомаса на ливадите за разлика од претходните години, висината на тревите на места достигнува просечна висина и до околу 1,5 метри. Искосена е површина од околу 3ха, останува за следниот ден да се заврши косењето на уште еден хектар и да се изврши транспорт на механизацијата до парцелата предвидена за косење во атарот на селото Волкодери, каде треба да продолжи косењето на површини од околу 2 хектари.

Ден 7

Го завршивме косењето кај Вича и продолживме во атарот на селото Волкодери. Отпочнавме е со косење на парцелата која се отвара кон Езерото, јужно од рипарискиот појас, но косењето на оваа локација се одвива многу поотежнато отколку на првата локација, особено затоа што во блиско минато тука не се спроведувани мерки за управување со ливадите па има многу полегната стара трева од претходните години која создава поголем отпор на косачката и целиот процес се одвива многу поспоро.

Ден 8

Денеска продолживме со косење на парцелата пред рипарискиот појас во близина на јаболковите насади во атарот на селото Волкодери. На оваа локација веројатно во претходните години се вршело косење и испаша, па затоа косењето се одвиваше малку полесно и побрзо. Во текот на денот се организирани средби со ангажираните работници за собирање и балирање на сеното, со кои е договорено дека активностите треба да се одвиваат во текот на 2ри, 3ти и 4ти август.

Ден 9

Денот е искористен за координативни активности со балирачите, со гостите за утрешниот настан, и со подготовки за презентации и говори за обраќање на настанот.

Ден 10

Активности за превртување и собирање на сеното, спремање за балирање. Во 12 часот кај информативните табли на Паркот на природа „Езерани“, на влезот од селото Долно Перово, се собраа поголем дел од учесниците на завршниот настан, па со кратка презентација за активноста косење ливади го означивме отворањато на завршниот настан. После краткиот дел со општи информации за влажните ливади во Преспанскиот предел, продолжуваме со обиколка до искосените ливади за оваа година каде на присутните им беа презентирани резултатите од активноста косење во изминатите години, и накратко нашите планови за работа во иднина. Откако завршивме со теренската посета, се упативме кон Царев Двор на фармата на Spirit of Prespa, каде се одржа официјалниот дел од настанот, на кој поздравни говори упатија Градоначалникот на општина Ресен (Јован Тозиевски), Извршниот директор на МЕД (Робертина Брајаноска), Претставници на НП„Галичица“ (Андон Бојаџи) и претставници на тимот кој работи на менаџмент на влажни ливади во Преспа од МЕД (Лазар Николов).

Добиени резултати од пресметките за отстранетата биомаса (сено) од ливадите.

Доколку направиме споредба со резулататите добиени од претходната година, тогаш лесно ќе дојдеме до заклучок дека оваа година од иста површина (околу 6 хектари) и слична флористичка структура се добиени околу 2000 бали со вкупна тежина од околу 31 тони релативно сува маса, за разлика од

лани каде беа добиени околу 1400 бали сено со вкупна тежина од околу 19,5 тони релативно сува маса. Првичните наши проценки за ваквата зголемена продукција на биомаса од ливадите сметаме дека се должи на значително поголемите врнежи од дожд од почеток на оваа година, меѓутоа оваа теза треба да ја потврдиме доколку ги анализираме податоците за мерење на врнежи од УХМР.

Препораки и заклучоци

Тимот кој работеше на пилот програмата во изминатите години, смета дека треба да се продолжи со конкретните активности и во следните неколку години, со интензивирање на

косењето, двапати по сезона на иста површина, со цел да се следат промените во флористичкиот состав. Треба да се прошири косењето на поголеми површини од 10 хектари, заради тоа што е евидентно дека кај ливадите кои ги косиме во изминатите четири години значително е успорено зараснувањето со грмушести видови. Проширувањето на косените површини и интензификацијата на динамиката на косење сметаме дека ќе создаде подобри услови за сточарите да можат да ги пуштаат на испаша своите стада, со што би се овозможила дополнителна стимулација на сточарството во регионот. Зголемувањето на површините со косење ќе ни даде можност да воспоставиме нова соработка со поголемите сточари во регионот, а сметаме дека тоа би било можност за некоја одржливост на овие типови живеалишта на подолг рок. Соработката со НП Галичица треба исто така да се продолжи, можеби треба да се најдат нови начини на проширување на истата. Во иднина треба да се организира косење на ливади кои не се косени подолг период, па доколку сточарите не се заинтересирани за сено со послаб квалитет да се разгледаат можности за соработка со компостари, компании за пелетирање или брикетирање, и друго.

Start typing and press Enter to search