Групна фотографија пред инфоцентарот на НП „Маврово“ © Хамлет Ахмеди

Подигнувањето на јавната свест за биолошката разновидност е меѓу главните столбови во работата на заштитарите. Многу денови во годината се посветени на бројни засегнати видови и ги има сѐ повеќе. Од 2018 година, секој 11 јуни се прославува Меѓународниот ден на рисот за да се одбележи значењето на најголемата мачка во Европа.

Јавната перцепција за овој критично загрозен ѕвер е во фокусот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис и таа е клучен аспект за неговиот опстанок. Оваа година, МЕД и Националниот парк „Маврово“ здружено оваа тема ја доближија до помладата генерација преку едукативен настан во инфоцентарот во срцето на националниот парк. Настанот беше отворен и за сите членови на МЕД, посебно за оние кои имаат помали деца.

Стотина ученици од регионот, во придружба на нивните наставници, имаа прилика да научат за рисот преку куса и интересна презентација која ги истакнува клучните одлики и улоги кои ги игра оваа мачка, но и заканите со кои се соочува. Преку прашања и дискусија, децата научија зашто е важен рисот и како да живееме заедно со него. За да се разигра атмосферата, тие можеа да видат како е да си рис во природното живеалиште, и се движеа по шумска патека со поставена фотозамка и маски од рис на себе. Највозбудливо беше кога низ забавна криенка дознаа како работи вистински ГПС-околувратник, каде едно дете се криеше со околувратникот додека останатите користеа радиоантена за да го пронајдат.

Тестирање на фотозамки © Екрем Веапи

Ваквите активности се посебно значајни доколку сакаме нашата работа да им ја доближиме на мештаните. Луѓето нашироко ќе ги прифатат методите за мониторинг и заштита само ако добро ги запознаат. Исклучително важно е да се вклучат и помладите генерации ако сакаме кај нив да побудиме восхит за рисот и заинтересираност за да ја спасиме популацијата на балкански рис.

Start typing and press Enter to search