Македонското еколошко друштво како и секоја година досега, се претстави со своја презентација за време на филмскиот фестивал „Ехо“.

На вториот фестивалски ден на „Ехо“, Сара Крстевска одржа презентација на тема „Што по шумските пожари?“.

Таа во својата презентација раскажа како е најдобро да се обноват шумите по шумските пожари. Објасни дека при пожарите со повисок интензитет, малите цицачи и тревопасните животни немаат доволно храна, што доведува до намалување на пленот на крупните цицачи. Остатоци од пожарите се слеваат во реките и го нарушуваат животниот циклус на акватичните организми. Опожарената почва не е погодна за развој на автохтони шумски видови, чие место понатаму го заземаат инвазивни и грмушести видови. Биолошките коридори се прекинати. Некои од животните остануваат изолирани во мали области, каде им е тешко да најдат храна или партнер.

Преку „Иницијатива за северни шуми: Обнова на шумите во Северна Македонија и Албанија“, ќе бидат обновени 20 хектари шума преку користење на решенија базирани на природата, со што ќе се постигне подобрување на живеалиштето на балканскиот рис и останатите крупни цицачи, како и создавање на отпорен екосистем.

Воедно го најави и настанот кој Македонско еколошко друштво го организира оваа сабота, на 26 октомври во 11 часот кај третото езерце во Градскиот парк во Скопје.

Биолозите од МЕД ќе одржат предавање како граѓаните можат сами да создадат дабови садници за пошумување на биокоридори, а присутен ќе биде и Јане Димески од „Шума во градот“ кој веќе долги години се занимава со граѓанска наука и создавање на садници.

На овој настан, сите присутни граѓани ќе имаат можност да научат како од собраните желади под стеблата на дабовите дрва, може да создадат сопствени садници во саксии направени од стари весници. По една година, овие садници ќе можат да се засадат во природа, придонесувајќи кон обновата на шумите.

Овој настан ќе се организира со поддршка на проектот „Иницијатива северни шуми“ кој го реализираме заедно со PPNEA и Регионалната канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија, и е целосно е поддржан од Шведската поштенска фондација.

МЕД ги очекува граѓаните  да се приклучат кон заедничката акција за зачувување на природата.

Мапа на локацијата:

Start typing and press Enter to search